Руски дрон го погоди седиштето на безбедносната служба на Украина, Зеленски најави одговор

by vlatko 20:45
20:45

Руските сили во напад со дрон среде бел ден го погодија седиштето на Украинската безбедносна служба (СБУ) во Киев, јавуваат светските медиуми, од кои дел пренесуваат дека црни облаци чад се издигаат во срцето на главниот град на земјата.

Како што објави американската телевизија Си-ен-ен, ова е првпат заградата на СБУ да биде погодена во руски воздушен напад во конфликтот што трае четири и пол години. Нападот врз една од клучните владини згради во Киев доаѓа по денови речиси континуирани воздушни напади од страна на Русија врз украинскиот главен град.

Директниот удар на дронот врз објектот на безбедносната служба, според телевизијата, меѓу другото, укажува и на сериозниот недостаток на Украина од муниција за противвоздушна одбрана.

Украинските власти соопштија дека во нападот се повредени 12 лица и оти службите за итни случаи се на местото на настанот.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека дронот бил насочен директно кон канцеларијата на шефот на СБУ, Олександр Поклад, во зградата. Од Украинската безбедносна служба подоцна соопштија дека Поклад се наоѓа на безбедно и не е повреден во нападот.

Зеленски соопшти дека ѝ наложил на СБУ да достави план за „соодветен и конкретен одговор“ кон Русија, кој, таму каде што е можно, ќе го преслика денешниот удар врз Киев.

-Нашата војска ќе го поддржи овој одговор – рече Зеленски.

Инаку, Киев изминатите осум дена се соочи со серија руски напади, во кои беа погодени повеќе згради во градот, меѓу кои и магацини и фабрики, вклучувајќи и производствен погон на „Кока-кола“.

Во речиси непрекинатите напади, кои траат од минатиот месец, најмалку 53 лица беа убиени, а 134 повредени во главниот град на Украина и поширокиот регион.

Сепак, нападот врз седиштето на Украинската безбедносна служна означува голема ескалација во војната, бидејќи станува збор за еден од клучните владини објекти.

Слични вести