Русија пак го бомбардираше главниот град на Украина

by irena 09:05
09:05

Руските сили утринава го нападнаа украинскиот главен град Киев со балистички ракети, објавија официјални лица, а според првичните извештаи, оштетени се станбени згради и други објекти.

Официјалните лица објавија дека руските воздушни напади се извршени и во други украински региони, вклучувајќи го и Харков, вториот по големина град во земјата, каде што регионалниот гувернер рече дека две лица се повредени.

Во Киев, сведоци на Ројтерс слушнале гласни експлозии по полноќ и изјавиле дека биле користени и проектили и беспилотни летала.

Шефот на воената администрација на градот, Тимур Ткаченко, изјави на Телеграм дека неколку станбени згради, една образовна институција и една деловна зграда се оштетени во областите источно од реката Днепар.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека зградата каде што се наоѓа градинката била погодена од пожарот, како и дека една нестанбена зграда е зафатена во источните делови на градот.

Воздушната тревога останала на сила повеќе од два часа откако била објавена.

Видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат како гори стан на горните катови од станбена зграда во Киев.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, извести за серија последователни напади со беспилотни летала и ракети.

Јавниот сервис „Суспилна“ објави серија експлозии во југоисточниот град Днепар и во Суми, во близина на руската граница.

Патем, овие напади би можеле да се наречат и крај на примирјето, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин минатата недела се согласи да ги суспендира нападите врз големите украински градови и инфраструктура до недела, по „лично барање“ од американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Кремљ.

Паузата следеше и по трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави одржани во Абу Даби, првите вакви разговори од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Слични вести