Рубио: Трамп го покани Путин на самитот на Г20 во Мајами

by irena 22:46
22:46

Американската администрација го покани рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на самитот на Г20, кој во декември ќе се одржи во Мајами, потврди американскиот државен секретар Марко Рубио.

Рубио ја соопшти информацијата по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, одржана на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„За да ги решите проблемите, мора да се среќавате со луѓето со кои не се согласувате или со кои имате одредени проблеми. Затоа го поканивме претседателот Путин на Г20“, изјави Рубио.

Според него, самитот би можел да биде можност Путин да разговара не само со американскиот претседател Доналд Трамп, туку и со други светски лидери. Вашингтон се надева дека рускиот претседател ќе ја прифати поканата, но засега нема потврда дека Путин ќе отпатува во Мајами.

Средбата меѓу Рубио и Лавров се одржа во период кога Вашингтон се обидува да утврди дали постои простор за ограничување на борбите меѓу Русија и Украина и евентуално придвижување на дипломатскиот процес.

По разговорот, Рубио изјави дека во контактите со Москва и Киев бил разгледуван ограничен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, како и мерки поврзани со пловидбата и извозот на жито преку Црното Море.

Американскиот државен секретар нагласи дека евентуалниот договор за енергетската инфраструктура не би значел крај на војната, туку би можел да претставува чекор кон намалување на последиците од конфликтот и основа за понатамошни разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно порача дека Киев е подготвен да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура доколку Москва преземе реципрочни мерки. Прашањето за евентуален енергетски прекин на огнот беше дел и од разговорите меѓу Зеленски и Трамп во Њујорк.

Русија, од друга страна, засега не најави поширок прекин на воените операции. Лавров по средбата со Рубио изјави дека Москва нема да ги запре борбените дејства за време на евентуални преговори со Украина, иако истовремено рече дека Русија останува подготвена за разговори за постигнување, како што го нарече, „праведен мир“.

И Кремљ непосредно пред разговорите во Њујорк оцени дека во моментов нема услови за преминување кон формални мировни преговори, но дека Москва останува отворена за контакти.

Поканата за Путин отвора можност и за нова средба со Трамп на маргините на Г20. Рубио, сепак, нагласи дека таква средба засега не е договорена и дека самата покана за рускиот претседател не треба да се толкува како најава за непосреден дипломатски договор.

Путин сè уште јавно не потврдил дали ќе присуствува на самитот во Мајами. Доколку ја прифати поканата, тоа би било негово прво лично учество на самит на Г20 од 2019 година.

Слични вести