Родова еднаквост – бу!

by Фокус

Жената може сѐ, и во фустан, и во костум, и во фармерки. Може во исто време да гради дом, да создава историја, да води армија, да е феноменален готвач, да е секогаш средена во ноктите, не секогаш во косата, ама може и да го преврти светот за да си ја оствари целта

Пишува: Бисера Костадиновска-СТОЈЧЕСКА

Пред извесно време, по не знам кој пат, го гледав филмот „Сестринството на патувачките панталони“. Четири најдобри другарки, кои го поминуваат првото лето разделени, разменуваат пар фармерки, кои на чуден начин на сите им се точни, и покрај нивната различна конструкција и големина, за да останат поврзани.

Филмот е снимен според истоимениот роман напишан неколку години пред филмуваната верзија од авторката Ен Брашерс.

Покрај пораките за пријателство, љубов, единство и созревање, не можам, а да не помислам на една друга тема, мошне актуелна во нашата држава. Родовата еднаквост. Бу! Страшна работа.

Мислев дека филмот „Малите жени“ ќе биде соодветен за темата родова еднаквост, ама оваа тема некако повеќе ме натера да размислам што е тоа што можеме да го оставиме на идните генерации. Зошто дозволуваме да се извртува едно од основните права на жената – да е рамноправна со мажот?

И зошто родовата еднаквост се носи во корелација со сосема неповрзани теми, дијаметрално спротивни едни на други, зошто дозволуваме да се извртуваат факти, зошто, побогу, жена на жена е волк!

Кога го гледав филмот, размислив за една друга перспектива за родовата еднаквост, имајќи го предвид моето мало скромно, ама плодно искуство.

Дали искуството на секоја една жена треба да се пренесува и да се ослободуваме полека од кафезот и бремето што секоја една од нас го носи? Денес живееме во (навидум) демократско општество, каде што ја препознаваме важноста од признавање и справување со борбите и тешкотиите со кои се соочуваат жените во денешните околности.

ОВАА БОРБА НЕ Е САМО ЗА НАС

Зошто навидум? Бидејќи таман ќе се „разбереме“ дека треба повеќе жени во политиката, и сме помислиле дека во ред е да се работат истите работи, и сме успеале да сме 50 – 50 на изборните листи, линчот станува сѐ поголем. Не само јавниот, оној заткулисниот, подмолниот од страна на жена!

Велиме: ние жените ги поместуваме границите гласно и смело, бидејќи знаеме дека промената нема да дојде лесно. Како жени, ние отсекогаш сме биле тие што ги уривале бариерите. Ние отсекогаш сме биле тие што се залагале за напредок, бараме еднаквост и се бориме за нашите права.

Сенката на социјалните мрежи, повикот за линч, омаловажувањето и обесхрабрувањето на жените да учествуваат во општествените и политичките процеси често се сенки, кои буквално ги помрачуваат соништата на жените. Исто така, вознемирувањето и родовото насилство сè уште се многу реални предизвици со кои се соочуваат жените во регионот.

Често се прашувам(е) дали вреди? Тешко е, мачно е, болно е, истоштувачки е, ама вреди. Вреди да се бориме за свет во кој жените сме тие што се слуша нашиот глас и каде што нашите соништа не се попречувани од омраза и од дискриминација.

И ние жените, но ова истово важи и за мажите, вреди да се бориме за свет во кој секоја жена и девојка имаат можност да напредуваат, да успеат и да го достигнат својот целосен потенцијал. И мораме да запомниме дека не сме сами во оваа борба. И мора да е секогаш присутно дека не е оваа борба само за нас.

Мора да застанеме заедно, обединети и силни, додека работиме за иднината за нас и за генерациите жени што ќе дојдат по нас. Мора гласно и смело да ги поместуваме границите и никогаш не смееме да се откажеме од нашите соништа.

ЖЕНАТА ДА СЕ ВРЕДНУВА ПО ДОСТИГНУВАЊАТА

Затоа што градиме држава каде што жените се рамноправни, и покрај трњето, камењата, урнатите мостови на тој пат. Родова еднаквост е да има министер и министерКА, декан и деканКА, работник и работничКА, земјоделец и земјоделКА.

И уште многу родово-сензитивни именки. Жената да може да е лидер и без притоа да ги добива прашањата каде ѝ се децата, небаре ги оставила сред пат, да се вреднува според нејзините постигнувања, а не според деколтето и сукњата.

Ама за тоа треба единство, треба свест, разум и логика. Логиката вели – тоа што го може мажот, жената го може истото, ако не и подобро. Да. Логиката го вели тоа.

Да се вратам на филмот…

Имам многу добар пар фармерки, кој по 10 години се „врати“ во мода. Од „Зара“ се. Кога во Македонија немаше „Зара“ продавница. И за мене тие беа магични фармерки. Изгледа не ја изгубиле магијата.

Ќе ѝ ги оставам на ќерка ми Ана. Ако ги сака и снаата. Да ја почувствуваат магијата. Жената може сѐ, и во фустан, и во костум, и во фармерки.

Може во исто време да гради дом, да создава историја, да води армија, да е феноменален готвач, да е секогаш средена во ноктите, не секогаш во косата, ама може и да го преврти светот за да си ја оствари целта – да не ги добива прашањата што никогаш не би ги прашале мажите. Да е рамноправна и да заработува исто.

Затоа имам само две прашања:

Ќе се избориме другарки една до друга или ќе продолжиме една против друга?

Ќе ги размениме фармерките и да им ги оставиме на нашите ќерки или ќе ги запалиме?

(Авторката е потпретседателка на СДСМ)

Поврзани новости