Мајката на претепаната девојка од Охрид, која сè уште се наоѓа на болничко лекување, со јавно обраќање изнесе сериозни обвинувања за семејството на осомничениот за нападот врз нејзината ќерка Сара. Во својата реакција таа посочува дека неговата мајка е Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а неговиот татко е Гоце Корабоски, за кого наведува дека е инспектор во Управата за јавни приходи.
Мајката на повредената девојка, тврди дека осомничениот Кристијан постојано се повикувал на влијанието на своите родители и се фалел дека тие можат да го заштитат од какви било последици.
„Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за ‘да средат’ сè“, наведува мајката во својата објава.
Таа изнесува особено сериозни обвинувања и против таткото на осомничениот. Според нејзините тврдења, Кристијан стапил во контакт со него додека Сара била во бессознание, мислејќи дека е мртва, и побарал помош за отстранување на нејзиното тело.
Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да постапи, а дополнително изразува сомнежи дека лица од семејното опкружување се обидувале да влијаат врз текот на случајот.
Во објавата се споменува и тетката на осомничениот, за која таа тврди дека контактирала со болницата во која е сместена Сара, со наводна намера да се влијае врз медицинскиот извештај и да се прикаже помала сериозност на повредите.
Љубинка Корабоска била дел од составот на Антикорупциската комисија избран во 2011 година, а во април 2012 година била избрана за претседателка на ова тело.
Мајката на Сара, пак, во своето јавно обраќање прашува дали политичките врски, влијателните родители и познанствата можат да бидат причина некој да се чувствува недопирлив.
„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува таа.
Таа тврди и дека осомничениот бил пуштен на слобода, додека нејзината ќерка продолжува да се лекува во болница и стравува за својата безбедност.