Обвинителката Ленче Ристоска, една од тројцата кандидати за судија во Стразбур, во интервју за „Призма“ вели дека размислува да не се кандидира повторно за позицијата откако Владата без образложение го поништи конкурсот и распиша нов.
Таа претходно објави и дека два месеца против неа се водела клеветничка кампања и дека добивала укажувања да се повлече.
„Побарав јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност, но со оглед дека не го добив, во процес сум на поднесување тужба за клевета. Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано. Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур.
А дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата. Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот“, вели Ристоска во интервју за „Призма“.
Ристовска е и јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред Судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Таа потенцира дека со одлуката да ги поништи кандидатурите и да не го почитува мислењето на Комисијата за избор на кандидати, Владата прекршила низа од препораките на Советот на Европа.
За потсетување, Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, со кусо образложение дека апликантите не ги исполнувале условите.