Обвинителството и полицијата постапуваат по вчерашните скандирања на натпреварот Шкендија-Карабах

by mladen 13:35
13:35

Секторот за внатрешни работи – Скопје во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје постапуваат по вчерашните националистичките скандирања на натпреварот Шкендија-Карабах на Националната арена „Тодор Проески“.

„Ве информираме дека СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител“, велат оттаму.

Од преносот на натпреварот може да се слушне дека се извикува „Илирида“, додека дел од медиумите јавуваат дека се скандирало и „Голема Албанија“.

Ова е втор случај за обвинителите и полицијата, по инцидентот во Куманово, за кој тамошното обвинителство поведе постапка по антиалбански скандирања, каде на кошаркарски меч на Илинден, од трибините се извикуваше „Чиста Македонија“.

За настанот во Куманово, Обвинителството ги побара снимките од видео надзорот, а полицијата веќе уапси едно лице што се обидело да внесе транспарент со навредлива содржина.

Инцидентот се повтори вчера, иако полицијата најави ригорозни казни за сите што од спортските трибини ќе шират навреди или нетрпеливост.

„Што се однесува за фудбалскиот натпревар кој се одржа на арената Тодор Проески во Скопје на 05.08.2025, СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител. Имено, доставено е писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана“, рекоа од МВР.

Слични вести