Русија мора цврсто да ја брани историската вистина за настаните од Втората светска војна и одлучувачката улога што нејзиниот народ ја одигра во победата над нацизмот, изјави денес рускиот претседател Владимир Путин, отворајќи ја седницата на Советот за безбедност.
Путин повика на зачувување и зајакнување на кохезијата на руското општество и потсети дека на 9 мај земјата ја прослави 80-годишнината од Победата во Големата патриотска војна, пренесува ТАСС.
„Борејќи се за слобода, нашиот народ покажа инспиративен пример за единство и патриотизам. А зачувувањето на сеќавањето на храброста и достигнувањата на генерацијата победници има огромно морално, социјално и државно значење за нас, за нашата иднина“, рече шефот на државата.
Системската работа на историското образование и борбата против фалсификувањето на историјата мора да продолжи, додаде претседателот.
„Мислам дека ова е многу важно“, заклучи Путин.