Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе го испитува постапувањето на полициските службеници во случаите на пријавено семејно насилство, правено од страна на Стојанче Јовановски врз неговата сопруга Ивана и малолетната ќерка Катја.
Предметот веќе е доставен до ОЈО ГОКК и ќе го преземе обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, кој ќе утврдува дали постои основ за кривична одговорност кај службените лица.
„Известувањето за кое покажувате интерес е доставено до ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден и истото ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од МВР за ,,Фокус” појаснуваат дека бил утврден пропуст кај дури 39 полицајци.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сите дополнителни информации обратете се во надлежното обвинителство, велат од МВР.
Валентина Вурмо