Професорката Веселинка Лаброска е именувана за нова претседателка на Советот за македонски јазик

by irena 21:29
21:29

Министерството за култура и туризам попладнево информира дека Владата на денешната седница го прифатила предлогот да ја именува Веселинка Лаброска за нова претседателка на Советот за македонски јазик.

Лаброска е дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и редовен професор на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков” – Скопје.

„Министерството за култура и туризам ѝ посакува успех на проф. Лаброска во работењето и очекува активно и посветено придонесување кон заштитата, унапредувањето и афирмацијата на македонскиот јазик“, се наведува во фејсбук-објавата на Министерството.

Лаброска доаѓа на местото на досегашната претседателка на советодавното тело при Министерството за култура и туризам, Симона Груевска-Маџоска, која пред еден месец поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Таа тогаш конкретно не ги наведе причините за одлуката, но порача дека преку некои работи не може да се премине.

Груевска-Маџоска денеска повторно се огласи, велејќи дека оставката ја поднела од објективни, а не од лични причини, како што во изјава за медиумите посочил ресорниот министер Зоран Љутков.

Таа посочи дека една и пол година, колку што била претседателка на Советот за македонски јазик, немала ниедна средба со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кого го обвини за игнорантски однос. Владата и Министерството за култура, пак, ги обвини дека и покрај тоа што постојано зборуваат за македонскиот јазик, не издвоиле буџет за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Слични вести