Прием на National Taiwan University – разговор со ученикот Филип Ангеловски

by irena 09:00
09:00

Филип Ангеловски, ученик на меѓународното училиште „NOVA“ уште од четврто одделение, ќе студира инженерство на National Taiwan University. Одлуката да студира токму таму ја мотивира неговиот интерес за полупроводници и природните науки, како и неговото двојазично потекло – мајка му е Тајванка, а татко му Македонец.

Тој несебично ја го споделува своето исксутво со аплицирањето на врвиот универзитет, патот на одлуката и возбудата за она што претстои.

  1. Филип, те примија на National Taiwan University, честитки! Зошто реши да аплицираш токму таму, веднаш по завршувањето на средното образование во NOVA и како изгледаше моментот кога дозна дека си примен?

 

Јас одлучив да аплицирам во Тајван поради тоа што индустријата за полупроводници е најразвиена токму таму. Освен тоа што NTU е најдобриот универзитет во Тајван, јас го одбрав овој универзитет поради фактот што, како прво, тоа е единствениот универзитет со студии за полупроводници на англиски јазик, и како второ, универзитет е најмногу прилагоден за интернационални студенти и интернационални прилики. Мојата реакција на приемот беше поразлична од очекуваното. Кога го отворив универзитетскиот вебсајт во 7 часот наутро, пишуваше дека сум одбиен. Иако бев тажен, истовремено не ја примив веста на лош начин поради тоа што веќе бев примен во друг одличен универзитет во Тајван. На училиште повторно го отворив сајтот за да проверам нешто и видов дека всушност сум примен. Го слушав отчукувањето на срцето во ушите, и брзо излегов од училницата за да им соопштам на моите родители. Откако сè се смири, пишавммејл на универзитетот за да ми потврдат дека сум примен, а тие ми се извинија за грешката и ми потврдија.

 

  1. Знаеме дека те интересира инженерство уште од рана возраст. Од каде се роди тој интерес, како уште во средното образование успеа да развиеш толку специфичен интерес и што те привлекува најмногу во таа област?

 

Отсекогаш сум ја сакал математиката и броевите. Мајка ми ми има кажувано дека како мал сум ѝ објаснувал различни начини на кои сум собирал броеви, а таа никогаш не ме разбирала. Исто така, многу пати сум споделувал мои начини на решавање задачи со другари, без никаков ефект. Секогаш сум имал фасцинација од математиката и природните науки. Иако бев добар и во јазиците и социјалните науки, тие мене никогаш не ме привлекуваеле. Затоа знаев дека инженерството е за мене. Интересот за полупроводници повеќе го развив откако веќе бев заинтересиран за инженерството, поточно кога веќе размислував за апликации на универзитет. Поради тоа што знаев дека сакам да студирам во Тајван поради можностите кои би ги имал таму, полупроводниците автоматски станаа една од главните опции. Најмногу бев фасциниран од тоа дека секој вид на технологија што постои денеска е заснован на информацијата зачувана во нанотехнологија којашто е уникатна во секој уред.

 

  1. Во NOVA си од 4-то одделение – навистина долго време. Како ти помогна изборот на средното училиште во твојата успешна приказна да бидеш примен на ваков врвен универзитет?

 

Верувам дека изборот на НОВА за средно училиште многу ми помогна за мојот успех. Како прво, не верувам дека би ги доживеал можностите во НОВА поврзани со спортот и музиката во кое било друго средно училиште во Македонија. Како второ, заедницата во НОВА која е составена од учениците, наставниците, и останатите вработени, навистина ми помогна да се пронајдам себеси. На крај, помошта во врска со апликации во странство беа многу корисни за мене, а и за останатите ученици во НОВА. Верувам дека го направив точниот избор за средно училиште знаејќи ги моите планови за студии во Тајван.

 

  1. Аплицирањето на универзитет не е лесна работа. Како ти се подготвуваше? Кои делови ти беа најтешки, а што ти дојде природно?

 

Се подготвував дури од почетокот на летото пред мојата последна година во средно. Мојата најголема помош беше мајка ми, којашто ги правеше истите работи што би ги правел кој било академски советник. Исто така, најтешкиот дел во аплицирањето ми беше јазикот, со којшто исто така ми помогна мајка ми. Поради тоа што сите веб страници се на кинески, таа ми ги објаснуваше сите документи и сè што ми е потребно за аплицирање. Природно ми дојде самото пишување. Лесно ми беше добро да се претставам себеси во есејот и плановите за учење кои беа барани од страна на универзитетите.

 

  1. Покрај академијата, посветен си и на многу други работи – музика, спорт… Како успеваш да балансираш сè тоа? Дали мислиш дека тие активности помогнаа и во твоето аплицирање?

 

Секако мислам дека моите останати способности помогнаа при аплицирањето. Верувам дека има многу паметни ученици, но за да се истакне еден кандидат, мора да биде поразличен во други аспекти освен академските успеси. По мое мислење, човекот како целост и неговиот карактер е многу побитен од неговиот училишен успех. Искрено кажано, јас се посветував на работи кои мене ми се допаѓаа. Спортот и музиката за мене воопшто не се обврски. Кога имам потреба за учење, мојот одмор од учењето се спортот и музиката. Исто така, поради тоа што сум посветен за време на часовите, а и поради мојата способност брзо да ги разбирам нештата, секојдневно имав доволно време за други активности.

 

  1. Што најмногу очекуваш од студиите и животот во Тајван? Што очекуваш по завршување на факултетот, имаш ли некои почетни планови?

 

Искрено немам многу очекувања. Едноставно се чувствувам како да започнувам нов живот, учејќи го тоа што ме интересира, и правејќи ги истите работи кои ги правам до сега. Сакам да се запишам во школскиот клуб за одбојка и да продолжам да тренирам. Исто така сакам да најдам просторија во или надвор од универзитетот каде ќе можам да продолжам со свирењето клавир. По завршувањето на факултетот, ќе одам на постдипломски студии. Фактот дека индустријата за полупроводници е главно лоцирана во Тајван, мислам дека нема да имам многу опции за студии надвор од таа земја. По студиите, не сум сигурен дали сакам да останам во Тајван или да се вратам некаде во Европа.

 

  1. И за крај – што би им препорачал на учениците кои размислуваат да студираат надвор? Особено за оние кои би сакале да изберат нешто поразлично, како што е Тајван?

За тие што планираат да студираат во странство, без разлика дали во популарните дестинации или поразличните како Тајван, препорачувам убаво да се подготват. Доколку сакаат да аплицираат на помалку популарни дестинации, ќе добијат помалку помош од училиштето. Поради ова препорачувам или да се најде надворешен академски советник или многу рано да се почне со подготовки. Дури од трета година во средно училиште треба да се истражува онлајн за датумите на отварањето на апликациите и за потребните документи при аплицирање. Во последната година од средното образование треба да се вложи многу време во учењето. Затоа препорачувам убаво да се истражи сè, и учениците убаво да се подготват дури и пред да започнат апликациите.

 

Слични вести