Од Кривичниот суд денеска информираат дека В.Д. судија – Даниела Димовска, денес го посетила притворското одделение во рамките на Затворот Скопје, каде во моментот се сместени 12 жени за кои кривичната постапката е во тек и се уште не е донесена правосилна судска одлука.
-Оваа посета не беше само институционална должност на судот, туку човечки чин за порака дека ниту една жена, без оглед на околностите и постапката која се води против неа, не смее да биде лишена од своето достоинство, од правото на фер постапка и од основното начелно – презумпцијата на невиност, што се темели и на препораките на Европската конвенција за заштита на човековите права, велат од Кривичниот суд.
Оттаму велат дека за време на посетата посебен акцент бил ставен на потребата од родово-сензитивен пристап во притворските услови, како и на обезбедување психолошка поддршка за жени кои често се соочуваат со дополнителна социјална и економска ранливост.
„Жената не ја губи својата вредност затоа што се наоѓа зад ѕидови, таа останува мајка, ќерка, сестра, личност со право на почит и праведност“, беше истакнато на средбата.
Заради тоа, покрај разговорите со притворените жени, судот ја искористи приликата и за средба со директорот на управата, г-динот Утковски со кој е договорено да се иницираат дополнителни разговори со надлежните институции за унапредување на условите и за јакнење на механизмите за заштита на правата на жените во притворското одделение, велат од Кривичниот суд.