Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, денес оцени дека ситуацијата во земјата е загрижувачка, имајќи предвид дека, како што објави неговиот кабинет, „нападите во Ваљево врз државните институции и целосното уништување на државниот имот се очигледен почеток на напад врз судството“.
Мацут рече дека ова „задава сериозен удар врз темелите на државата и нејзиното функционирање“, се вели во соопштението.
„Државата мора да го одржува јавниот ред и мир, да ги заштити сите граѓани и нивниот имот, државните институции, политичките и сите други организации што го сочинуваат општествениот простор во кој сите живееме“, рече тој.
Тој истакна дека државните институции „активно ќе работат на пронаоѓање и казнување на организаторите и сторителите“, со цел, како што изјави, „да се спречи понатамошна ескалација на целосно неоправданата атмосфера на хаос и нестабилност што се создава во Србија“.
„Координираниот ултралевичарски вандализам претставува јасна закана за стабилноста на општествениот и државниот поредок, како и за остварувањето на демократските права на сите граѓани“, нагласи премиерот.
Тој апелираше до сите актери вклучени „во организацијата и спроведувањето на ваквите немири да се воздржат од нивно понатамошно јавно промовирање“, особено истакнувајќи ги интелектуалците, уметниците, јавните личности и политичарите кои, како што изјави, активно ги поддржуваат ваквите собири против државата.
„Не смееме и нема да дозволиме никому, ниту домашни ниту странски вандали и екстремисти, да уништува државен имот и да го загрозува мирот и безбедноста на граѓаните, што има само една цел, а тоа е уништување на правниот поредок во Србија“, рече премиерот.