Иако граѓаните ќе треба да ги бираат нивните претставници на локалните избори за да решаваат прашања од локален карактер, сепак во јавноста доминираат и други теми кои се увертира во кампањата. Освен стандардните партиски препукувања, јавноста ја тресат и наводите за ново незаконско прислушување, како и обвинувања за коруптивни скандали, наводни средби со поранешниот премиер Груевски итн.
Според аналитичарите, сведочиме една стандардна реторика и комуникација помеѓу конкурентските партии која се базира исклучиво на фронтален напад и омаловажување на спротивната страна со единствен интерес да се задржи, односно освои власта.
,,Дополнително, земајќи предвид дека по многу параметри ова ќе бидат своевидни историски избори за македонската политичка сцена, а не само обични локални избори, влогот на партиите е огромен и тие се подготвени да претставуваат и т.н. катаклизмички сценарија доколку тие не ја задржат или освојат целокупната локална власт во земјава. Ако на ова се додаде дека следното редовно соочување после локалните избори ќе биде за дури 3 години, уште толку кај одредени партии се подгрева атмосферата и желбата да вложат сѐ, односно секоја карта за време на оваа преткампања и кампања. Тоа директно се рефлектира на комуникацијата, наративот и дополнително ја усвитува и онака вжештената и несоодветна реторика во партискиот дискурс“, вели за Фокус, комуникологот Бојан Кордалов.
Тој во следниот период очекува една невидена црна кампања базирана на дисквалификации, дискриминација и омаловажувања, со надеж дека нешто ќе успее да повлијае на резултатот.
,,Враќање назад ако се случи вакво сценарио нема да има, така што апелирам до партиите да се вразумат и да застанат на патеките на рационална, инклузивна комуникација, на презентирање на својата програма, кандидати и секако критика базирана на факти и алтернативи во кои тие веруваат.
Граѓаните се зрели, писмени и јасно разбираат што сакате да им порачате и без да викате по политичките опоненти и без да водите несоодветна кампања. Речиси никогаш во историјата, никој со црна кампања не успеал да извојува победа, или, пак, ако тоа се некогаш се случело, падот бил многу брз, болен и често без можност за втора шанса. Од друга страна во неколкудецениската историја сме гледале и помали партии кои воделе кампања базирана на критика (што е здраво и посакувано, ама различно од црна кампања), но и платформа со заложби и конкретни проекти што им овозможувале да се наметнат како трет играч на сцената и да освојат во тие моменти значителен и одлучувачки дел од политичкиот „колач“ или пак да се наметнат како клучен партнер за големите партии“, додава Кордалов.
Во однос на тоа каде би се воделе главните битки – дали на социјалните мрежи, преку традиционалните медиуми или пак преку директните контакти со граѓаните, Кордалов вели дека очекува во кампањата традиционалните и големи партии да одат со сите наведени методи и канали за водење на кампањата, надевајќи се дека се тоа ќе им донесе некој поен и глас плус.
,,Додека, пак, помалите партии или граѓански иницијативи очекувам да бидат покреативни и многу порационално да ги трошат парите што им се доделени за предизборната кампања со цел максимизирање на придобивките од секој вложен денар на платформи каде што ќе проценат дека е нивната таргет публика“, додава тој.
За аналитичарот Џелал Незири пак, атмосферата повеќе наликува на кампања за парламентарни избори отколку на локални избори.
,,Темите кои се третираат се национални, а не локални, а како фротмени се јавуваат лидерите наместо кандидатите за градоначалници. Навистина е жално да се занемараат локалните теми, кои се од животно значење за обичниот граѓанин, а да се наметнуваат големи национални каузи кои служат само за замаглување на горката реалност која преовладува во поголемиот дел на општините. Споредете ги нашите општини со тие во регионот, почнете од Скопје со Белград, Тирана, Подгорица…далеку сме. Споредете го Тетово не со Приштина, туку со Гњилане или Призрен, Кочани со Благоевград…ќе дојдеме до заклучок дека ние живееме во еден свет, каде политиката ни има наметнато теми кои не значат ништо за квалитетот на нашиот живот, но ние сме убедени дека се приоритетни, макар и за локални избори“, вели Незири.
Според него, ова е тешка политичка манипулација со јавноста со цел да се заштитат тесните интереси на политичко-економските центри на моќ на сметка на јавниот интерес и интересот на обичниот граѓанин. Се говори за политички теми, наместо за реалните проблеми на граѓаните како лошата инфраструктура во одредени населби, пристапот до вода, недостатокот на паркинзи, регулација на сообраќајот и слично.
Жестоките препукувања не ги заобиколија ниту партиите од албанскиот политички блок. Аналитичарот Сефер Селими вели дека реториката во албанскиот блок е вжештена затоа што постои големо незадоволство кај граѓаните и реална опасност владејачките партии да ја изгубат целосно довербата на локално ниво.
,,Наместо фокус на урбанизмот, инфраструктурата и услугите, партиите се впуштаат во меѓусебни обвинувања за прислушувања, корупција и тајни средби, теми со кои се обидуваат да ја дискредитираат конкуренцијата и да мобилизираат гласачи преку страв и емоции“, вели тој за Фокус.
К.О.