Пратениците од власта бараат постапката за легализација на дивоградбите да се продолжи за пет години

by irena 15:50
15:50

Пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кој наместо 15, рокот за легализација на објектите со ваков статус да изнесува 20 години, односно да се продолжи за нови пет години, рокот за предметите да бидат решени почна од 2011 година и требаше да заврши до март годинава.

Барањата за легализација на бесправно изградени објекти можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите требаше да бидат решени е 3 март 2026 година.

Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесување на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите, кој се бара да биде продолжен за пет години.

Овластен предлагач е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој на прес-конференција во Собранието образложи зошто пратениците бараат измени на актуелниот закон за постапување со бесправно изградените објекти.

„Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети, кои се во процедура, би биле прекинати по сила на законот во фазата во која се затечени“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој предлог се продолжува рокот за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години, до 3 март 2031 година. Со тоа, според Стојаноски, се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да може легално да ги завршат сите веќе почнати постапки.

Според него оваа измена не предвидува нови барања за легализација на бесправно изградени објекти, туку е исклучиво во служба на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.

Стојаноски потенцира и дека оваа иницијатива доаѓа како директен одговор на барањето на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и општините, кои секојдневно се соочуваат со реални проблеми на терен.

Предлог-законот содржи два члена. Со првиот се менува рокот за примена на одредбите од законот, така што истиот се продолжува за уште пет години, односно наместо март 2026 година истиот да продолжи да важи заклучно со 3 март 2031 година.

Слични вести