Назад во „пусто турско“

by Фокус

Слушам деновиве од еден малодушен сдсмовец дека некој од „Алфа“ се фалел дека ќе таманеле сѐ живо и диво од „бившата“ власт по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во мај. Уплашен човекот, ситна риба, па не ја знае српската поговорка дека „врана врани очи не вади“.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Изборите се ближат. Си велам, ај малку да одморам, да соберам сили за денот потоа.

Тој ден треба добро да ја проучам мапата на столчињата во новиот парламент, која боја ќе преовладува и кој на која страна во салата ќе седи.

Две видливо, остро разграничени бои еве веќе над 30 години го китат парламентот, како лампиони на новогодишна елка.

Се разбира, тука меѓу нив се и добро распоредените сијалички, навидум од неколку бои ама даваат една те иста светлина.

На времето, некаде во првите 10-15 години од независноста имаше лезет да се занимаваме со изборите.

Си имавме едно друштво од тесен круг пријатели, непартиски, мислечки расположени луѓе со аналитички ум и пред изборите си правевме заедничка табела, како во табланет, која партија колку пратеници ќе добие во новиот парламент.

Секој поодделно. По изборите ги срамнувавме прогнозите за да видиме кој од друштвото бил најблиску до изборниот резултат. Забавна игра во која, морам да признаам, јас имав најголеми промашувања, и тоа само зашто не верував дека национализмот ќе остане толку долго во толку јака кондиција.

Очекував дека ќе се издува по првите повеќепартиски избори. Се надевав дека на народот, откако ќе му помине меракот по комитското време и откако ќе види дека нема фајде од квичењето „бил сам репресиран“, ќе му спласне занесот и дека ќе се фати сериозно да си ја реди државата.

ЈА ЦЕДАТ ДРЖАВАВА

Е, не! Тој, народот, е уште на тој век, оној минатиот и оној пред него. Високата корупција и криминалот рака под рака царуваат во државава чиниш отсекогаш, ама овој народ ја гледа само онаа, која со волшебно стапче се створи токму во 2016, нели од власта на СДСМ.

Во оваа држава нема општини, нели, нема фирми, нема референти, началничиња, градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Овие двајца сложни браќа имаат долгогодишен побратим, ДУИ. Тој е фикс.

Сите заедно ја ронат, ја гмечат, ја цедат државава од почетокот на независноста. Почнувајќи од „тајотките“, па „ТАТ“, па деловите за, чинам, тенкови, па ОКТА, па СК 2014… Ај, да не се заморуваме.

Имаме нов список: Бехтел и Енка, кинескиот автопат за Охрид во копродукција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, хидроцентрали и електрани, исто така во копродукција…

А, народов уште се занесува дека ќе го врати старото име, ќе ја преиначи Преговарачката рамка за ЕУ, а ако му се посреќи и ако дувнат поповолни ветрови, дека може и Рамковниот договор да претрпи ревидирање.

Се разбира, за нас Македонците, да си бидеме на јасно, како што сме кмекави, а како што сме некако настрвени кон големине, може некои работи и да бидат ревидирани, само НЕ во наша корист.

ВРАНА ВРАНИ ОЧИ НЕ ВАДИ“

Слушам деновиве од еден малодушен сдсмовец дека некој од „Алфа“ се фалел дека ќе таманеле сѐ живо и диво од „бившата“ власт по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во мај.

Уплашен човекот, ситна риба, па не ја знае српската поговорка дека „врана врани очи не вади“. Што се однесува до мене, нека си ги вадат очите меѓу себе колку што ќе посакаат за пуста власт, ама крајно време е да се свртат и да погледаат какво буниште од државава направија.

Кое кај паднало таму останало. Ѓубре на сите страни, од урбаните средини, покрај автопатите, толку колку што ги имаме, ниви, ливади, сѐ е погнасено.

А, бре на таква нечистотија арно не сме фатиле некои тешки телесни болештини. Но тоа е решливо. Лесно. Акцијашки да засукаме ракави и да не се плашиме да го свиткаме ’рбетот кога ќе се наведнеме да го кренеме ѓубренцето на кое се препнуваме.

Тоа нема да нѐ обвини дека сме предавници, дека сме свиткале „кичма“, како што на македонски се изразуваат патриотиве.

Инаку, од душевно-психичка природа работите се малку покомплицирани, бараат подолготрајна самоанализа.

Национализмите тешко се припитомуваат, тлеат и си ги трујат прво своите, па потоа комшиите и околината. Како што сме тргнале со меѓуетничката напнатост ќе ни нема друго туку сите топтан да се упатиме назад во „пусто турско“! Тогаш имало подобра разбирачка!

Поврзани новости