Пожарот што утрово избувна во атарот на општина Дојран и понатаму е активен, а надлежните служби продолжуваат со напорите за негово локализирање. Според информациите од Центар за управување со кризи, огнот избувнал околу 10 часот на локалитетот Владаја, во непосредна близина на македонско-грчката граница.
Според ЦУК, гори деградирана шума и ниска вегетација, а силниот ветер значително го отежнува гаснењето, бидејќи пламенот брзо се шири во повеќе правци. Засега нема информации дека пожарот се проширил на територијата на соседна Грција.
Пожарот е видлив и од грчката страна на границата, поради што за него известуваат и медиуми од регионот Кукуш. Екипите остануваат на терен и ја следат состојбата, а доколку временските услови останат неповолни, можно е да бидат ангажирани дополнителни сили за спречување на понатамошното ширење на огнот.
Од надлежните институции апелираат граѓаните да не се приближуваат до зафатеното подрачје и да ги почитуваат упатствата на службите додека трае интервенцијата.