Повторно од почеток судењето за „Онкологија 2“, Васев и Нухи негираат вина

by irena 13:15
13:15

Судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, Нино Васев и поранешниот економски директор Нехад Нухи денеска повторно почна од почеток во Основниот кривичен суд Скопје.

Причина за повторното почнување на постапката е промената на составот на Судечкиот совет, односно замената на еден од судиите членови. Со предметот повторно раководи судијката Славица Наумова-Јосифовска.

Ова не е првпат судењето да започне од почеток. Истото се случи и во ноември 2025 година, поради промена на еден од поротниците во судечкиот совет. Тогаш странките се согласија претходно изведените материјални докази и сослушаните сведоци да бидат само прочитани, без повторно да се изведуваат.

Обвинителката Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција рече дека останува на претходно изнесените воведни зборови.

Обвинетите Нино Васев и Нехад Нухи повторно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар, изјави Васев пред судот.

Нухи рече дека не го разбира обвинението и дека смета оти тоа нема поврзаност со неговото работење на Клиниката.

Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката, изјави Нухи.

Двајцата се сомничат за несовесно работење и финансиски криминал во Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Слични вести