Полскиот премиер Туск ќе побара гласање за недоверба на неговата влада

by Fokus

Полскиот премиер Доналд Туск денес во телевизиско обраќање изјави дека ќе побара гласање за недоверба на владата, откако неговиот претседателски кандидат, Рафал Тржасковски, ги загуби изборите во недела.

Десничарскиот историчар Карол Навроцки беше избран за нов претседател на Полска во вториот круг од изборите, објави Државната изборна комисија (PKW) во понеделник наутро откако беа пребројани сите гласови.

PKW објави дека Навроцки освоил 50,9 проценти од гласовите, пред либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, со 49,1 процент.

„Првиот тест ќе биде гласање за недоверба што наскоро ќе го побарам во парламентот“, рече Туск, без да наведе датум.

„Сакам сите да видат, вклучително и нашите противници, дома и во странство, дека сме подготвени за оваа ситуација, дека ја разбираме сериозноста на моментот, но дека немаме намера да се повлечеме ниту чекор.“

„Денес сакам да ви кажам на сите дека како премиер нема да застанам ниту за момент во мојата работа и во нашата заедничка борба за Полска од нашите соништа (…): слободна, суверена, безбедна и просперитетна“, рече Туск. „Претседателските избори не променија ништо во тоа и нема да променат ништо“.

Непосредно пред краткото обраќање на Туск, лидерот на ПиС, Јарослав Качински, ги нарече резултатите од претседателските избори „црвен картон“ за владата и повика на создавање „аполитична и техничка влада“ составена од експерти.

Следните парламентарни избори во Полска се закажани за 2027 година. Во Полска, шефот на државата, кој има петгодишен мандат, има одредено влијание врз надворешната и одбранбената политика, но првенствено има право на вето на законодавно ниво.

Неколку реформи планирани од премиерот Туск, кој дојде на власт во 2023 година, беа блокирани од поранешниот конзервативен претседател Анджеј Дуда, сојузник на ПиС.

Изборот на Навроски би можел повторно да ги искомплицира напорите на Туск да ги спроведе политиките на својата проевропска влада.

Поврзани новости