Полицајците ја виделе пиротехниката во ,,Пулс”, но никој не се доближил до бината да ја отстрани

by valentina 17:21
17:21

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе три обвиненија, против вкупно 23 полициски службеници за пожарот во дискотеката ,,Пулс”.

За девет од нив, како што појасни обвинителката Ивана Трајчева, меѓу другото, е поднесено обвинение и бидејќи кога влегле во дискотеката, никој од нив не се доближил кон бината за да ја отстрани поротехниката, која била внесена незаконски.

-Не превзеле ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничка опрема на сцената, иако употребата на пиротехниката не била пријавена во ПС Кочани. Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапувањето смрт на 63 лица, а 223 лица се здобиле со тешки телесни повреди и телесни повреди, велат од Обвинителството.

Обвинителката, на прашањето, дали имало заклучена врата, рече дека такво нешто немало, појаснувајќи дека пред главниот излез, имало врата која не може да се заклучи (каубојска врата), но која била првата пречка гостите да излезат брзо и првото место каде што се прави стампедото.

Деветмината полицајците кои критичната ноќ биле во дискотеката, заедно со уште четворица, се гонат за кривичното дело ,,Тешки дела против општата сигурност”.

Валентина Вурмо

Слични вести