Легендарниот кошаркарски тренер Душко Вујошевиќ почина денеска во Белград.
Веста за смртта на поранешниот тренер на Партизан, Црвена Звезда, ЦСКА, ОКК Белград, Бреша, Пистоја, Лимож и поранешен селектор на Србија и Црна Гора, првиот тренер на Црна Гора, како и на Босна и Херцеговина, ја објавија освен балканските, многу еминентни медиуми ширум светот.
Вујошевиќ имаше 67 години, а со години имаше здравствени проблеми предизвикани од дијабетес, па во 2025 година му беше трансплантиран бубрег во Белорусија.
Во март оваа година, тој беше примен во болница откако неговото здравје сериозно се влоши поради проблеми со срцето и белите дробови.
Тој беше познат по својата цврста дисциплина, голем авторитет на и надвор од теренот, остри очи и јазик, што го правеше човек кого луѓето или безрезервно го сакаа или не.
Најголем белег остави во Партизан, каде што ја започна својата тренерска кариера во помладите категории во 1976 година, а со кого подоцна доминираше во првата деценија од овој век, како во домашните, така и во регионалните натпреварувања, но забележа и значајни резултати во Евролигата.
Така, во 2010 година, ги предводеше црно-белите до најголемиот успех на српската клупска кошарка во поновата историја со пласманот до Фајнал Фор на елитното натпреварување.
Претходната сезона беше прогласен за најдобар тренер на Евролигата, кога со Партизан стигна до второто четвртфинале по ред и ја заработи наградата „Александар Гомељски“.
Беше шампион на Југославија, Србија, АБА лигата и победник на ФИБА Купот Кораќ.
Последниот тренерски ангажман му беше во 2021 година во Клуж, Романија.