По 4.000 евра надоместок ќе добива Сашо Димитријески, претседателот на одборот на директори во Телеком предложен од Владата

by irena 12:40
12:40

Претседателот на одборот на директори на Македонски Телеком, Сашо Димитријески ќе добива повисок месечен надоместок ако Собранието на Друштвото го прифати предлогот на седницата закажана за 27 мај. Неговиот месечен надоместок ќе биде 250.000 денари.

„ Собранието на Друштвото определува нов месечен надоместок на Претседателот на Одборот на директори во нето износ од 250.000,00 денари. Месечниот надоместок на останатите членови на Одборот на директори на Друштвото којшто е утврден во Одлуката за определување на месечен надоместок на членовите на Одборот на директори на Друштвото (Арх. бр. 431766/1 од 18.12.2007 година) останува непроменет.
Оваа Одлука стапува во сила со денот на нејзиното донесување.

Со оваа Одлука, престанува да важи Одлуката за определување на нов месечен надоместок на Претседателот на Одборот на директори на Друштвото (арх. бр. 426575/1 од 21.7.2023 година)“, стои во предлог одлуката на Македонски Телеком објавена на Македонска берза.

Претседателот на Одборот на директори е Сашо Димитријески кој беше предлог на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој е поранешен директор на Агенцијата за електронски комуникации во периодот од 2016 до 2021 година.

Со претходната одлука од јули 2023 година, месечен надомест во нето износ од 155.000 денари е утврден за претседателот на Одборот на директори на Македонски Телеком АД – Скопје.

„Собранието на Друштвото определува нов месечен надоместок на Претседателот на Одборот на директори во нето износ од 155.000,00 денари“, се вели во одлуката, каде што се наведува и тоа дека надоместот за останатите членови, утврден во 2018 година, останува непроменет.

Што се однесува до другите месечни исплати, неизвршниот член и заменик на претседателот прима 93.000 денари, а неизвршните членови примааат по 62.000 денари.

Како што наведуваат од Македонски телеком, мандатот на избраните членови на Одборот на директори на Друштвото изнесува четири години, согласно Статутот на Друштвото.

Главниот акционер во Македонски Телеком е Stonebridge Communications AD Скопје, кој поседува 51 отсто од акциите. Останатите акции се распределени помеѓу Македонски Телеком АД, кои ги поседува компанијата во форма на сопствени акции и тоа 10 отсто, Сава пензиски фондови со 0,97 отсто, IFC со 0,76 отсто и други малцински акционери со 2,46 отсто.

Златната акција што ја поседува Владата е непренослива и ѝ овозможува посебни права, како што се правото на вето во одредени стратешки одлуки на компанијата, што ја задржува нејзината улога во корпоративното управување на Македонски Телеком.

О.К.

Слични вести