Тројца работници биле затрупани утрово при ископ на темели на градилиште во скопската општина Кисела Вода, при при што едно лице го загуби животот. Како што велат од Министерството за внатрешни работи, се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Денеска во 08:17 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на ул.„Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја има затрупани работници.
Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош“, ни одговорија од МВР.
Инаку, официјалните податоци покажуваат дека трагедијата се случила при изградба на станбено-деловен објект на улица Козјак број 4, кој всушност почнал да се гради врз основа на одобрение за градење издадено минатиот месец (04.03.2026 година).
Притоа, како инвеститор се јавува друштвото за „изградба на станбени и нестанбени згради“ „Нар Инвестмент“, основано кон крајот на 2025 година со седиште во Скопје од страна на Ивица Коневски, поранешен градоначалник на Аеродром, кој по завршување на вториот градоначалнички мандат прво стана адвокат, а потоа влезе и во градежниот бизнис.
–Потресен сум од трагедијата, надлежни институции постапуваат – кусо ни изјави Коневски, кој во однос на прашањата поврзани со вината и одговорноста за трагедијата вели дека одговорите треба да ги даде изведувачот на градбата.
Имено, како изведувач на објектот е запишано друштвото „Компанија Јакимовски“ на Предраг Јакимовски, додека како проектант се јавува „Сара-4“, фирма која воедно врши улога и на надзор врз градбата.
Што се однесува до изведувачот „Компанија Јакимовски“, до компанијата упативме прашање што точно се случило на лице место и дали биле преземени неопходните мерки за заштита и обезбедување? Штом добиеме одговори, веднаш ќе ги објавиме.
Влатко Стојановски