„Пијана дипломатија“ или провокација: Инцидентот со македонскиот амбасадор во Москва се случил пред 2 години!

Инцидентот со македонскиот амбасадор во Русија, Ненад Колев, кој во алкохолизирана состојба управувал дипломатско возило во Москва, се случил пред 2 години, дознава „Фокус“ од извори во МНР, според кои симптоматично е тоа што информациите за овој случај излегуваат додека Македонија води стратешки дијалог со САД во Вашингтон.

by vlatko 17:27
17:27

Инцидентот со македонскиот амбасадор во Русија, Ненад Колев, кој во алкохолизирана состојба управувал дипломатско возило и направил судар, се случил пред 2 години, неофицијално дознава „Фокус“.

Како што велат добро упатени извори од Министерството за надворешни работи, симптоматично е тоа што информациите за овој случај излегуваат токму сега, во време кога, како што посочуваат, Македонија води стратешки дијалог со САД во Вашингтон.

Според овие извори, лиферувањето на вакви информации и фотографии во овој момент претставува смислена провокација кон земјава, каква што им се случила и на многу други држави, како на пример на Полска во 2023 година, кога полскиот амбасадор во Русија бил инволвиран во сличен инцидент.

-Ова е настан од пред 2 години, по средба на македонскиот амбасадор со други дипломати, но во јавност излегува сега првично преку француски твитер-профил, по што информацијата се презема од српски, руски и проруски медиуми – вели висок функционер во МНР, според кого целта е да се дискредитира македонската дипломатија и Македонија како држава.

Сепак, тој додава дека во рамки на Министерството се преземаат сите потребни активности согласно процедурите по обеделувањето на овие информации, односно, според нашиот соговорник, се побарало изјаснување на Колев, кој всушност го привршува амбасадорскиот мандат, така што мали се шансите да биде отповикан.

Откако повеќе медиуми во земјава, регионот и Русија, повикувајќи се на српскиот портал „Правда“, објавија дека македонскиот амбасадор во Руската Федерација Колев предизвикал инцидент во алкохолизирана состојба, се обративме и до македонската амбасада во Москва и до МНР, но се уште не сме добиле официјален одговор.

Имено, во српскиот портал „Правда“, кој е наследник на некогашниот истоимен весник, беше објавена колумна на авторот Петар Давидов насловена „Пијана дипломатија“, во која, меѓу другото, се пласира информација, заедно со фотографии од безбедносни камери, дека Колев бил пијан.

Во оваа колумна, каде доминира изразен проруски и антинато тон, Давидов пишува дека амбасадорот Колев конзумирал алкохол во московски бар, по што, при излегување надвор, се удрил во бандера, за на крај да се качи во службениот автомобил со дипломатски таблички, да сврти на 2 полни ленти и да се судри со друго возило.

„ Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува рускиот портал „Политнавигатор“, повикувајќи се на српска „Правда“.

Што се однесува до Колев, треба да се наведе дека тој е дипломат од кариера, кој во МНР извршувал разни должности од 1997 година. Покрај тоа, тој бил македонски амбасадор во Виена пред да замине на служба во Москва во 2023 година, откако 4 години земјава немаше амбасадор во Русија, туку вршител на должност.

По политичките промени во 2024 година, неколку амбасадори упатени за време на претходната власт беа отповикани, меѓутоа меѓу нив не беше и Колев, кој до ден денес е на должност и покрај инцидентот пред 2 години, кој бездруго се случил независно што многу дилеми отвора фактот што обелоденувањето на овој „скандал“ се случува паралелно со стратешкиот дијалог со САД.

Инаку, владите на Македонија и САД објавија Заедничка изјава по одржувањето на втората сесија на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, предводена од македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар на САД Кристофер Ландау.

Притоа, зо Заедничката изјава се реафирмира заедничката определба за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Воедно, во изјавата се нагласува зајакнатата соработка во клучни области, вклучително енергетиката и економијата, одбраната и безбедноста во рамки на НАТО, како и сајбер и дигиталната отпорност, а посебен акцент е ставен на енергетската диверзификација и зголемувањето на сигурноста на снабдувањето со природен гас.

„Двете земји ја потврдуваат заедничката посветеност за зајакнување на одбранбените капацитети и придонесот во рамки на НАТО, како и за поддршка на Украина. Воедно, се предвидуваат конкретни активности за унапредување на сајбер безбедноста, преку техничка помош, проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети“, соопшти МНР.

Во делот на безбедноста, се нагласува и интензивирање на соработката во справувањето со транснационалниот криминал, нелегалната миграција и зајакнувањето на граничната безбедност, со конкретна финансиска и техничка поддршка за институциите.

Дополнително, во рамки на дијалогот беа договорени иницијативи за заштита на културното наследство, како и за унапредување на мобилноста на граѓаните преку приклучување кон програмите за доверливи патници.

Од Министерството велат дека стратешкиот дијалог претставува значаен исчекор во зацврстувањето на трансатлантските врски и ја потврдува улогата на Македонија како кредибилен сојузник и партнер на САД.

Македонскиот амбасадор во Русија предизвикал инцидент среде Москва?!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести