Руските интереси во врска со ситуацијата во Украина ќе бидат обезбедени без оглед на натамошниот развој на настаните – било преку продолжување на специјалната воена операција или преку мирни средства, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Тоа ќе се случи или преку воени средства, со продолжување на специјалната воена операција, или преку мирни средства – доколку во Киев се најде некој што ќе покаже политичка волја и ќе преземе одговорност“, им рече Песков на новинарите, пренесува РИА Новости.
Портпаролот на рускиот претседател истакна дека обезбедувањето на руските интереси во однос на Украина не зависи од политичката ситуација во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека Русија е суверена држава.
Тој потврди дека на 10 и 11 ноември во Абу Даби ќе се одржат тристрани преговори меѓу делегациите на Русија, Украина и Соединетите Американски Држави, при што главна тема ќе бидат безбедносните гаранции за страните во конфликтот.
Руската делегација ќе ја предводи помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, додека нејзиниот конечен состав дополнително ќе го утврди рускиот претседател Владимир Путин.