Текстот е објавен на 18 септември, 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1563
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Секое чудо за три дена“. Ова е само една од фразите со која на наједноставен начин може да се опише како функционираат работите во една мала држава како Македонија.
Во последниот месец изгореа депонијата „Дрисла“, „Вардариште“, шталата со електронски отпад во Трубарево, народот свесно се труе, „пукна“ аферата за непотребни операции во приватните болници, убиства и сообраќајки, жртви на секој чекор, почна судењето за Онкологија, каде што оштетените сведочат за свесно и тивко убиство на своите најблиски…
Жално, но вистинито.
Функционерите од власта секојдневно се сликаат на прес-конференции, тврдејќи дека ја имаат целата ситуација под контрола, но затоа, пак, сите институции во најмала рака затаиле во својата работа. И, што е најжално, никој не презема одговорност, а народот страда на секој чекор. Ни Бангладеш повеќе не ни е рамен.
Здравството е еден од секторите, каде што жртвите се нижат секојдневно што од урнисаниот здравствен систем, што од немањето основни услови за работа и за лекување. Новиот министер за здравство Азир Алиу функционира како некоја машина, од Министерството само штанцаат соопштенија, а на виделина излегува целиот распаднат систем. Само празни ветувања.
Шокантната изјава на кардиологот Сашко Кедев дека во двете приватни болници се прават непотребни операции само за профит требаше да предизвика тектонски поместувања во здравствениот сектор. Верувам, а и убедена сум дека сè ќе помине така, со оглед на тоа што само една недела подоцна, по формирањето на Комисија за да го испитува случајот, првиот човек во здравството си седна на маса со приватните болници и си потпиша меморандум за соработка. Да се чудиш.
Во време кога „пука“ таква страшна афера, во која се вплеткани двете приватни болници, кои во последните шест години за кардиохируршки и васкуларни интервенции од Фондот за здравство добиле 105 милиони евра е повеќе од чудно, пред да се разоткрие што се случувало зад затворени врати таму, министерот да прави договор за соработка. Што значи тоа? Дека како и сè досега, и ова ќе заврши во некои архиви.
Тоа што е уште позастрашувачко во целата приказна е што баш овие операции на срце се прават на фондовска сметка, а од таму се кешираат милиони евра за пациентите да се лекуваат, што значи дека ако се точни обвинувањата на Кедев, некој на големо си играл со здравјето на „болните“ од срце, па беспотребно им сечел и граден кош, само да профитира.
Како што веќе објавивме, од 2019 година наваму, Жан Митрев клиник добила околу 57 милиони евра, додека, пак, Аџибадем Систина околу 47 милиони евра.
Сепак, „Фокус“ се обиде да открие што точно се случувало во двете приватни болници, како се одвивал целиот процес, но и колку Фондот за здравство искеширал за секоја посебна операција на пациенти што во последните четири години се оперирале таму?
СЕ СТАВАЛЕ ЛИ НЕПОТРЕБНО БАЈПАС И СТЕНТОВИ?Низ вратите на двете приватни болници „Жан Митрев клиник“ и „Аџибадем Систина“ низ годините поминале и се оперирале бројни пациенти. Не е тајна дека и во двете болници се работи со вртоглави суми на пари, па може да се заклучи дека и профитот игра голема улога.
Тоа пред речиси еден месец јавно го кажа и кардиологот Кедев, тврдејќи дека на многу од пациентите им се правеле непотребни операции. До Министерството за здравство и ФЗОМ, со потписи од 16 кардиохирурзи и кардиолози се доставени медицински досиеја и ангиографски филмови на пациенти, за кои се смета дека има одредени неправилности во индикациите за операции.
„Фокус“ се обиде да дознае какви се тие операции, како на пациентите непотребно им бил отворен граден кош и за која сума на пари станувало збор?
Според нашите информации, не се знае точната бројка на пациенти, но станува збор за поголем број, кои низ годините наводно поминале низ операционите сали на двете најголеми и луксузни приватни болници. Информациите до кои дојдовме покажуваат дека главен линк претставувале дел од лекарите во јавното здравство од повеќето градови низ државата, кои како кардиолози што ги прегледувале болните пациенти, ги упатувале на операција во една од приватните болници, во зависност од тоа со која соработуваат.
Па така, има пример на пациент, за кој нашите извори тврдат дека завршил на операција во една од приватните болници, а неговото медицинско досие покажува дека немал потреба од никаква интервенција, туку здравствниот проблем што го имал можел да се реши и со лекови.
Сепак, работата не застанала тука, туку наводно му бил отворен градниот кош и му бил ставен бајпас, што претставува операција која третира блокирани коронарни артерии, интервенција за која пациентот, според нашиот извор, реално немал потреба.
Самите ангиографски филмови покажуваат дека тој имал најнормална циркулација на главните крвни садови, но, сепак, завршил со непотребна операција. За среќа, тоа не му направило некој здравствен проблем, но самата таква постапка, освен што била непотребна е и немедицинска и неетичка.
Вакви случаи, според нашите сознанија, има повеќе, па оттука се поставува прашањето – колку пациенти завршиле со бајпас и стент, за кој немале потреба? Дали воопшто некој ќе понесе некаква одговорност за ваквите неетички случувања, кои од друга страна, според обвинувањата, се користеле за да се добијат пари од фондовската каса.
За разлика од пациентот погоре, кој завршил непотребно со бајпас, друг пациент се спасил во последен момент. Тој по одредено стегање на градите, отишол на лекар во штипската Клиничка болница. Нашите извори тврдат дека веднаш по извршениот преглед, пациентот добил инструкции да оди во една од приватните болници за да му се изврши интервенција и да му се стави стент. Но, сепак, се „спасил“, бидејќи поради одреден сплет на околности завршил на скопска Кардиологија, каде што му била направена коронографија и е проценето дека нема потреба од никаква операција.
Постојат различни примери, кои само докажуваат што сè се случува за да се дојде до повеќе профит, а жртвени јагниња се само пациентите, кои немаат друг избор, освен да го слушаат лекарот што ќе им каже, со оглед на тоа дека тој е стручњакот во приказната.
ОПЕРАЦИИ ОД 6.000 ДО 133.000 ЕВРА…
Факт е дека здравјето со пари не се купува, но, сепак, на крај сѐ зависи од нив. Нема споредба какви се условите за лекување во приватното наспроти јавното здравство, но тоа само за оние со подебели џебови. Тешко на обичните „смртници“.
Кој може да плати, без размислување се определува за здравствените услуги во приватното здравство. А, и кога немаат пари, а немаат и избор, подигнуваат кредити, ги продаваат куќите, се задолжуваат на секој чекор. Нормално, сѐ за здравјето.
Па, оттука приходите и добивката на двете најголеми приватни болници оди до плафон. Според официјалните податоци од Бизнис-мрежата, „Систина“ е водечка бизнис-болница за 2024 година, со приходи од безмалку 64 милиони евра и 6,4 милиони добивка.
Всушност, последната година за оваа болница е најдобрата досега, дури подобра и од ковид-кризата кога беше златно време за приватното здравство.
За разлика од таму, иако и „Жан Митрев клиник“ работи турбо и со вртоглави цени, сепак неговиот профит лани изнесувал околу 20,4 милиони евра, што е за 40 милиони помалку од болницата на Камчев, кој од многу одамна не фигурира како сопственик на хартија. Добивката на оваа приватна болница е 114,5 илјади евра, додека во 2022 и во 2023 година работела со загуби.
Без разлика што и во двете болници повеќето здравствени услуги што се нудат се плаќаат приватно, сепак кардиохируршките интервенции се на фондовска сметка. За таа цел, на годишно ниво се одделува голема сума пари.
Покрај нив, тука се и стентовите што им се вградуваат на пациентите. Сѐ друго граѓаните плаќаат од свој сопствен џеб.
Како што веќе објавивме, во последните шест години, од фондовска сметка во овие две приватни болници завршиле околу 105 милиони евра, поточно од 2019 година наваму, „Жан Митрев клиник“ добила околу 57 милиони евра, додека, пак, „Аџибадем Систина“ околу 47 милиони евра.
„Фокус“, од Фондот за здравство ги побара поединечните цени на сите кардиохируршки, васкуларни и каротидни операции, кои се прават на државна сметка во двете приватни болници.
Располагаме со документи, со вкупниот број извршени интервенции одделно во периодот од 2022 до средината на 2025 година, за секој пациент, кои се тие интервенции и по која цена, но, сепак, не постои можност за сите посебно да се објават, со оглед на тоа дека станува збор за бројни пациенти и бројни интервенции.
Затоа ги споделуваме сумите на оние операции што реално ги засегаат болните, кардиохируршките и васкуларните. Тоа што можевме да го забележиме е дека солените цени отприлика се движат исто и во двете приватни болници.
Според официјалните податоци со кои располагаме, можеме да почнеме со 2022 година, каде што во „Аџибадем Систина“ се направени 704 кардиохируршки операции на деца и возрасни, за што од фондовска сметка се одлеале речиси 5,8 милиони евра.
Пред три години се направени дури 312 операции на валвула. Тоа е срцев залисток, кој се наоѓа меѓу левата преткомора и левата комора, а неговата главна функција е да овозможи крвта да тече во правилна насока. Само една таква операција, Фондот за здравство им ја плаќа по референтна цена од 8.700 евра по пациент.
Исто така, во 2022 година направени се и 281 интервенција на коронарен бајпас, за што само за таа година добиле 1,8 милиони евра за овој вид интервенции. Една ваква операција чини 6.566 евра по пациент. Истата година направени се и 18 кардиваскуларни операции на срце на новороденчиња, од која само една чини вртоглави 18.285 евра.
Тука се и васкуларните операции, од кои во 2022 година се направени 379 по фондовска цена од 5.600 евра по пациент, а само таа година ФЗОМ за овој вид интервенции им платил 2,1 милиони евра.
Во следните две години (2023 и 2024) се направени вкупно 1.605 операции на валвула, коронарен бајпас, кардиоваскуларни операции на новороденче, кардиоваскуларни операции на возрасни до 18 години, со што од фондовска сметка се одлеале 13,1 милиони евра. Како една од поскапите интервенции се смета и имплантација на валвула, која чини речиси 22.000 евра.
За разлика од овие години, последната 2025 година, поточно од периодот од јануари до јуни, во приватната „Систина“ се направени 561 кардиохируршка интервенција и 185 васкуларни, со што договорениот буџет од Фондот е 9,5 милиони евра за цела година. И тоа само за шест месеци.
Сепак, тука е и „Жан Митрев клиник“, каде што од 2022 до 2024 година се направени само 1.342 операции на коронарен бајпас, каде што операција по пациент чини 6.566 евра. За разлика од другите години, кога немало ниту една таква операција, во првата половина на 2025 година направени се 10 имплантации на валвула, од која една чини речиси 22.000 евра, а само за тие шест месеци од ФЗОМ, за оваа процедура добиле 218.536 евра.
Исто така, направено е и вградување помошен уред за срцева работа, која чини вртоглави 133.024 евра. Во клиниката на Жан Митрев, во првата половина од годината се ставени и шест стента, поточно поправка на аневризма на торакална аорта, од кои на тројца пациенти по еден, кој чини 9.700 евра, и на уште тројца со по два стента на аорта, чија сума изнесува 17.577 евра по пациент.
ФЗО НЕМА МЕДИЦИНСКА НАДЛЕЖНОСТ ДА ГИ КОНТРОЛИРА ОПЕРАЦИИТЕ
Со оглед на тоа дека оваа тема на површина изнесе сериозни сомнежи за можна страшна вистина, во која клучната улога ја играат парите од Фондот за здравство, упативме и неколку прашања до оваа здравствена институција, кои ви ги пренесуваме во целост:
По кои критериуми се одлучува која болница колку средства ќе добие за кардиохируршки и васкуларни интервенции и кој е надлежен да одлучи за тоа?
– Согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите за склучување договори и начинот на плаќање на здравствените услуги на приватните здравствени установи кои вршат болничка здравствена заштита („Службен весник на РСМ“ бр. 206/2023 и бр. 189/2022), договорниот надоместок на здравствените установи се определува врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои: расположливите средства во буџетот на Фондот за болничка здравствена заштита, остварениот обем и вид на здравствени услуги во претходната година, потребите на населението, медицинската опрема со која располага установата, придржувањето кон планот за вид и обем од претходната година, како и условите за обезбедување услуги во време на кризни состојби или епидемии.
Одлуката за висината на надоместокот по дејности за секоја деловна година ја носи Управниот одбор на Фондот, врз основа на планираните средства утврдени во Планот и програмата за здравствени услуги и во буџетот на Фондот“.
Прашавме и дали и кој од Фондот за здравствено осигурување врши контрола како се трошат исплатените средства?
„Како и кај сите јавни и приватни здравствени установи со кои Фондот има склучено договор, така и кај приватните болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“, фактурите со пресметките за извршени услуги се предмет на контрола од страна на ликвидатори/контролори во Подрачните служби на Фондот. Контролата опфаќа правно-формална и суштинска проверка на доставените фактури и документацијата. Дополнително, Секторот за финансии во Централата на Фондот го следи бројот на извршени услуги во однос на доставениот годишен план за вид и обем на здравствени услуги, како и процентуалната застапеност на различните категории интервенции.“
На прашањето, пак, дали постои медицинска комисија што прави контрола на извршените операции, од ФЗО ни одговорија:
„Фондот, во рамките на своите надлежности, врши редовни контроли на исполнувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи. Контролите се вршат годишно, а се постапува и по претставки од пациенти или по сопствен наод. Податоците за извршените редовни контроли и контроли по претставки на осигуреници за периодот 2022–2025 година се прикажани во табелата во прилог.
ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на извршените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор над стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во домен на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, како и на специјални комисии, кои се формираат од страна на министерот за здравство“.