„Подготвен сум да го воскреснам Скопје, ќе останам близок со народот, а од мене не очекувајте да бидам салонски политичар, ќе ме гледате на терен, ќе работам максимално посветено“ рече денеска актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, за кого денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да го кандидира за градоначалник на Град Скопје на локалните избори што ќе се одржат во октомври.
Тој рече дека е свесен во каква состојба е Скопје, но дека тоа ќе се промени.
– Од утре влегуваме во процес на креирање на кампањата. Она што сите го знаеме и во силен фокус е решавањето на сообраќајниот хаос, хаосот со дивите депонии, градот е прљав, немаме улица или маало каде што немаме проблем со хигиената. Тоа е она што најмногу ги тишти скопјани, не само во изминатите 4 години, туку и неколку години претходно. Не можеме да направиме далечна отстапка од она Петре Шилегов како владееше со градот и Данела (Арсовска), речиси и да нема некоја разлика меѓу нив двајца – рече Ѓорѓиевски.