Сликата што доаѓа од езерото „Младост“ во Велес е поразителна – наместо природна убавина и чиста вода, површината на езерото е прекриена со дебел слој алги, отпад и органски остатоци, претворајќи го некогаш популарното излетничко место во вистинско мочуриште.
Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес е со лош квалитет и ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет. Ова лани го потврди извештајот кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.
Резултатите на физичко хемиските анализи на оваа установа покажуваат дека водата во „Младост“ е проѕирна само два метри под површинскиот слој и е категоризирана во III класа.
Во површинскиот слој е присутен растворен кислород, додека во длабочина го нема. Тоа значи дека животинскиот свет, флората и фауната, може да се одржи во живот до само седум метри во длабочина ако воопшто за нив доволни се присутните количини на разреден кислород додека под оваа длабочина езерската вода се категоризира во V класа.
Тоа според потпишаните лекари, двајца доктори на науки и еден пред докторирање, како и тројца специјалисти во своите области, значи дека велешко „Младост“ е езеро во изумирање.
Во микробиолошката анализа, резултатите на оваа институција, покажуваат дека има сериозни индикации за бактериолошко загадување поради брзата реакција на бактерии на променливите услови на животната средина.
Во резултатите на Хидробиолошкиот завод во Охрид пишува се открива и ново фекално загадување на езерската вода.
Експертите на оваа македонска институција, стара деведесет години, заклучуваат дека според застапеноста вкупните колиформни бактерии, квалитетот на водата во „Младост“ е лош поточно е во IV и V класа. Водата е фекално и органски загадена.
Невладините организации и дел од советниците лани организираа акција за чистење на езерото и успеаја да извлечат над 60 тони од штетната материја, но проблемот не се реши затоа што езерото е во клиничка смрт.
Од Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес неодамна предупредија дека годинава нема услови за порибување со предвидените 300 тони крап, бидејќи водата е загадена со фекалии и без присуство на кислород – состојба што ќе резултира со масовно угинување на рибата.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, после неверојатни притисоци од сите загрижени страни, испрати писмо во кое бараше пари од Владата за спас на езерото, а пред половина месец доби од Министерството за животна средина 10 милиони денари со кои треба да се пушта свежа вода во езерото.
Сепак, на терен не се случува ништо.