Во Суботица, унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека неговата држава зависи од увозот на нафта и гас, но дека резервите со кои ќе располага ќе ги сподели со Србија.
„Унгарија не располага со значајни извори на нафта и гас. Живееме од увоз, главно од Русија. Американците воведоа санкции, јас ќе имам две работи – да средам Унгарија да биде изземена од санкциите и да обезбедиме да има нафта, а не само дозволи. Ако Унгарија има нафта, ќе имате и вие“, рече Орбан.
Тој и српскиот претседател Александар Вучиќ се обратија пред новинарите откако во Суботица им беа доделени признанијата од Фондацијата „Иштван Пастор“ за унапредување на односите помеѓу двете држави и народи. Орбан повтори дека Србија секогаш може да смета на асистенција од Унгарија и додаде дека двајцата денес на работниот ручек ќе дискутираат за енергетската стабилност и мирот.
На прашање од новинар да го искоментира исказот на неговиот шеф на кабинет дека унгарскиот МОЛ би можел да купи удел во НИС, тој одговори дека таа одлука е на Србија. „Ќе биде така како што ќе одлучат Србите, а во тоа со задоволство ќе учествуваме. Тоа е исклучиво ваша одлука, ние ви стоиме на располагање“, рече Орбан.
Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Гергељ Гујаш, претходно изјави дека унгарскиот МОЛ би можел да купи удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во руска сопственост, а разговорите за тоа се во тек. Гујаш на брифинг за новинари рече дека „може да постои можност за нормална пазарна трансакција, но преговорите се во тек“.