„Безбеден град“ ја освои наградата за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи

by irena 12:43
12:43

Министерството за внатрешни работи со проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Ова значајно меѓународно признание денеска на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, презентирајќи ги резултатите од примената на системот и постигнатиот напредок во сообраќајната безбедност.

Македонскиот проект беше избран за најдобар во конкуренција со Полицијата на Сингапур, Полицијата на Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската држава Махараштра.

За наградите на Светскиот полициски самит пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави во 13 категории, а изборот на победниците се спроведува преку независно стручно оценување, интервјуа и детална проценка на технолошките и оперативните резултати.

„Кога почнавме со „Безбеден град“, многумина се сомневаа дека конечно ќе профункционира систем за кој со години се зборуваше. Денес имам чест да ви соопштам до каде стигнавме на тој план. Македонија го освои првото место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека ова признание претставува потврда дека и Македонија има капацитет да спроведе современи реформи и да постигне резултати препознаени на меѓународно ниво.

„Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација и технолошки развој. Знаеме што значат Дубаи и Абу Даби во примената на технологијата во сообраќајот. Но, ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот“, посочи Тошковски.

Слични вести