Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој пред неколку дена беше во Белата куќа, изјави дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта е сè уште на дневен ред. И дека преговорите меѓу руската и американската делегација во моментов се заглавени поради прашањето за украинските територии.
Ова тој го изјави во интервју емитувано на „Јутјуб“ каналот на комерцијалната телевизија АТВ.
Орбан нагласи дека Унгарија е вклучена во преговорите меѓу американската и руската делегација до одреден степен.
Тој кажа дека 22 проценти од регионот Донецк во источна Украина сè уште не е под руска контрола.
Орбан нагласи дека не се откажал од мировната мисија за Украина и ги користи своите врски со Русија за да постигне договор.
Трамп и Путин, годинава, од почетокот до 16 октомври, разговараа телефонски осумпати. По разговорот, кој траеше два и пол часа, рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков објави дека Москва и Вашингтон веднаш ќе започнат подготовки за нова средба меѓу Путин и Трамп, која би можела да се одржи во Будимпешта.
Трамп подоцна објави дека ја откажал планираната средба со Путин во Будимпешта.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Трамп бил првиот што сугерирал дека одржувањето на самитот во Унгарија во моментов е бесмислено и дека Путин се согласил со тоа.