Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамки на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, присуствувал на работен ручек посветен на улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Тој претходно изјави дека очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Во изјавата пред официјалното отпочнување на самитот, тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.
– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од нај предизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока – рече премиерот.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.