Скопскиот Кривичен суд го одобри обвинителниот акт за случајот познат како „Онкологија“, во кој за злоупотреби се сомничат поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, но и неколкумина доктори.
„Советот за оцена на обвинител акт, постапувајќи по обвинението со К – ООА 128/25 за случајот, во јавноста познат, како „ Онкологија “, поднесен 22.05.2025 година, донесе решение со кое приговорот на одбраната се одбива, а актот се одобрува. По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К.бр. 1069/25 кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен ан понатамошно постапување кај судија, а што биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот“, соопштуваат од Кривичен суд.
Екс директорот Нино Васев е обвинет за злоупотреба на службена положба и загрозување на здравјето на пациенти.
Според обвинението, кај најмалку 29 пациенти било утврдено погрешно дозирање на терапијата и отстапки од стандардните онколошки протоколи.
Во дел од постапката се наведува дека Васев имал помош од колешка од одделот за тумори на дојка.
Покрај него, обвинети се и двајца лекари од одделот за белодробни заболувања, за давање терапија без медицинска оправданост.
Во вториот дел од постапката, Васев и екс медицински директор Нехат Нухи се товарат за проневера и измама во вредност од над 35 милиони евра, со што е нанесена голема штета на државниот буџет. Според Обвинителството, станува збор за недоставување на лекови на пациенти, додека финансиските средства биле неосновано повлечени.