Идната недела ќе треба да е познато кој од министерските имиња ќе се збогува со функцијата, дали ќе се направи т.н. „трампа“ на ресори и колкав ќе биде обемот на владината реконструкција, по неколкумесечените најави од премиерот дека таа се подготвува.
Молк во ВМРО-ДПМНЕ по синоќешниот настап на Христијан Мицкоски во Струмица на партискиот роденден, каде од говорницата доста јасно кажа дека не е задоволен од некои функционери поставени од најголемата владејачка партија. Нема коментар за тоа дали се препознал во зборовите на премиерот и партиски лидер.
Говорејќи на оваа тема, тој рече дека многу прецизно го детектира и следи феноменот на скршнувања од она што треба да биде кодекс на однесување на Владата, посочувајќи дека има и такви на кои фотелјата и станала помила од контактот со народот.
„Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме. И, ова е порака нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите“, рече Мицкоски.
Ваквите негови зборови упатуваат дека лично тој се подготвува за реконструкција во која сигурно ќе бидат опфатени некои од ресорите што се под раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ако во јавноста веќе е формиран впечаток дека засега „недопирливи“ се Панче Тошковски во МВР, Гордана Кочовска во Финансии, Тимчо Муцунски во надворешни работи и Александар Николоски во транспорт и врски, тогаш се поставува прашањето – кој дргу освен, веќе неколку пати споменатите Зоран Љутков и Борко Ристовски, е „зрел“ за реконструкција. И, дали таа ќе опфати и некој од кадрите на помалите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, како Иван Стоиљковиќ и Шабан Салиу.
Колку вкупно ресори ќе се менуваат, дали тоа ќе биде само кадровска промена или и рокади и колку имиња ќе мора да си ги соберат своите работи од министерските канцеларии, ќе се знае по разговорите со партнерите во власта.
Утре прво ќе има средба меѓу Изет Меџити и Билал Касами од една и Мицкоски од друга страна, а во сабота се очекува средба на премиерот со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски. Овие две средби се практично за испитување на пулсот. Високи партиски извори од ВРЕДИ за „Фокус“ велат дека, оечкуваат на утрешната средба прво да видат која е идејата на премиерот, пред да се навлезе во суштинска дебата со споменување на конкретни имиња. Што се однесува до промените во ВРЕДИ е подготвена и за рокада на ресори и за нови министерски имиња. „Фокус“ веќе пишуваше дека албанскииот партнер преферира, но не по секоја цена, да остане истата распределба на ресори. Во таков случај, освен новите името на Фатмир Лимани кои за нив се завршена приказна, во ВРЕДИ се размислува да се направи ротација, во која Беким Сали би го презел здравство и би останал прв вицепремиер, додека Азир Алиу би поминал на позицијата вицепремиер за добро владеење – позиција што до пред некој ден ја држеше Арбен Фетаи кој сега ќе биде назначен за специјален претставник на Владата во Брисел. Во таква варијанта, најсериозни шанси да го преземе ресорот за европски прашања кој сега е под ингеренции на Сали, би имал Агон Ферати или Фљакрон Беџети – и двајцата доаѓаат од крилото на Алијанса што остана во власта.
Од страна пак, за ЗНАМ не е прифатлива смена на ресори. Оттаму се децидни дека двајцата нивни ресорни министри – Горан Минчев и Игор Филков си ја завршиле работата коректно и одговориле адекватно на предизвикот наречен реформска агенда. “Сите закони од т.н. реформска агенда што се однесува до Правда и Јавна администрација се подготвени и, се чека да почне процедурата за нивно усвојувањеа, а за некои од нив и е во тек. Затоа, сметаме дека нашиот дел од работата е завршен навреме и компетентно. Сепак се е во рацете на премиерот“, вели извор од ЗНАМ за „Фокус“.
Од партијата на Максим Димитриевски ќе го сослушаат внимателно премиерот, ќе ги соопштат своите аргументи и очекуваат да има континуитет во работата на Владата, барем во делот за кој се надлежни тие.
З.Ф.