Од Битола ќе започне одбележувањето на пет децении на сцената на култните ,,Леб и сол”!

by Fokus

Општина Битола и ЈОУ КИЦ Битола го најавија свеченото отворање на 17-то издание на Бит Фест 2025, кое ќе се случи на 26-ти јуни со јубилејниот концерт на легендарните „Леб и сол“.

Воедно со концертот на ,,Леб и сол” на античкиот локалитет Хераклеа, започнува и одбележувањето на големиот јубилеј, 50- годишнината од постоењето и активното работење на групата.

-Ви благодариме Битола. Ни давате верба во живот, дека она што сме го правеле во изминатите 50 години, вредело и оставило трага во нашата меморија и во нашата музичка историја.

Тоа е нешто што длабоко во душата секој го посакува: да биде почитуван и сакан, затоа што чувствувам дека онаа моја искреност и желба со која сме го работеле сето ова и вербата дека хармонијата во музиката може да се пренесе и во хармонијата на живеењето има некој што знае да го почитува и ќе го чуваме и ќе го оставиме за следните поколенија.

Ова е само една алка во нашата историја, која покажува дека сме постоеле и ќе постоиме понатаму. Само искрено со верба во животот и љубовта и со полно срце можеме да ги поделиме вековните вредности. Ви благодариме многу и ќе се обидеме да бидеме квалитетни како и секогаш, истакнаа членовите на бендот, за време на својата посета во Битола, и најавија незаборавен концерт во Хераклеа.

Бит Фест 2025 ќе трае до 31-ви август, и се најавени бројни културни содржини како Битола отворен град, Локум фест, Парко – фестивал, Илинденски денови, Битолино – Детски театарски фестивал, Мјузикленд, Фестивал на староградска музика, Широк сокак во бело и други.

На трети август пак, најавено е гостување на светски познатиот диџеј Армин ван Бурен на градскиот стадион Петар Милошевски.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости