Обвинителката Фетаи бара построга казна за Васил Јованов: Да не дозволиме да изгубиме уште една Фросина

by valentina 17:17
17:17

Да се изрече поголема затворска казна за Васил Јованов, кој на пешачки премин ја усмрти младата Фросина Кулакова. Построгата затворска казна, од првично изречената од 12 години, денеска пред Апелациониот суд ја побара вишата скопска обвинителка Фатиме Фетаи.

-Крајно време е судската пракса и казнената политика да се прилагодат на реалноста. Да не дозволиме да изгубиме уште една Фросина, рече во својот заклучок обвинителката Фетаи.

Таа претходно образложи зошто бара второстепениот суд да изрече построга затворска казна за Јованов.

-Неспорно е дека во конкретниот случај е дадено признание на вина од страна на обвинетиот. Меѓутоа, јавното обвинителство ОЈО Скопје основано во изјавената жалба потенцира дека тоа е направено откако била спроведена исцрпна истражна постапка, откако веќе биле собрани сите докази од кои и самиот обвинет бил свесен за исходот на постапката, дека со таков кванититет и квалитет на доказен материјал неговата вина ќе биде докажана надвор од разумно сомнение…Кај обвинетиот Јованов признанието доаѓа откако е свесен дека обвинителството располага со таков доказен материјал од кој несомнено може да се очекува донесување на осудителна пресуда.
Вистинскито каење во никиј случај не смее да се цени само преку една изолирана реченица ,,се каам, жал ми е, што направив, нема никогаш да ми се повтори”, туку во склоп на целокупните околности на случајот и на целокупното однесување на обвинетиот, рече обвинителката.

Таа посочи дека целта на казнувањето, покрај остварувањето на правдата, се состои во спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно влијание врз другите да не вршат кривични дела.

-Имајќи ги во предвид сите отежителни околности, а се поврзани со неговата личност, со бројните пропусти/прекршувања на одредбите на ЗБСП при сторување на предметното кривично дело, а особено со тоа што жртвата немала апсолутно никаков придонес во настанот, напротив, нејзината ,,вина” е што немала способност да ја ,,предвиди” ароганцијата на обвинетиот Јованов зад воланот на ,,пежото”, кому воопшто не му било битно дали со неговото постапување ќе се одземе нечиј живот, нечија иднина, неопходна е потребата од негова осуда на повисока казна затвор, посочи обвинителката.

Обвинетиот Јованов побара намалување на казната и уште еднаш изрази каење.

-Уште еднаш сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство на семејството на загинатата. Голема грижа на совест имам за тоа што се случи и болката што ја предизвикав, изјави Јованов.

Бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје побара намалување на казната за Јованов или враќање на предметот на повторно постапување поради, како што рече, суштествени повреди во постапката.

-Да кажам за институтот на признание на вина, тоа се дава за некоја цел – да се избегнат големи и долги судења, да се стави до знаење на сторителот дека криминалот не се исплати и секако да има некаква олеснителна околност за обвинетиот. Секаде во светот е тоа така. Ве молам, видете го доказот видеото неколку минути по настанот, за да процените дали неговото каење е искрено или од страв за запретената казна. Признанието на вина е искрено и категорично каење, изјави Дуковски.

Второстепениот суд, по јавната седница ќе треба да донесе правосилна пресуда.

Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.

Валентина Вурмо

Слични вести