Пишува: Денко МАЛЕСКИ
ПРОФЕСОР-ГОСТИН НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО БОУЛИНГ ГРИН, ОХАЈО
Галантните домаќини од универзитетот во Боулинг Грин обезбедија сопствени пари, како додаток на мојата Фулбрајтова стипендија и најмија куќа за моето петчлено семејство во гратчето среде пченкарните полиња на Охајо. Во меѓувреме, до вселувањето, се сместивме во мотел на работ од малото населено место. Со зовриената македонска политичка атмосфера зад мене седнат покрај базенот на мотелот, во тие последни августовски денови од 1990 година, размислував за предавањата и за другите обврски што ме чекаат. Во убедувањето дека добро сторив што не се вклучив во политиката и заминав од земјата, ме разниша само коментарот на еден професор Американец со кого почнавме разговор за вчудовидувачките настани во Источна Европа, во кои колабираа еднопартиските системи и почна демократска трансформација. Значи, седнати покрај базенoт, мојот нов познаник ми постави едно реторичко прашање: „Зар не треба да си таму сега?“
По сè што минав претходната година, сите хартии и интервјуа и конкуренцијата со која, во тогашна Југославија, морав да се справам за да ја добијам стипендијата, решив да не ја пропуштам оваа шанса. Жешкoто лето во Македонија го поминав во мојата работна соба во поткровјето (без клима) на подготвување на предавањата за настаните од нашиот дел од Европа. „Политиката во Иточна Европа“ беше предметот што ми беше доверен од универзитетските авторитети и во тој момент топ-тема во Америка. Во Македонија, како и во другите југословенски републики, се подготвуваа првите повеќепартиски избори.
Во тие жешки скопски денови ми дојде на посета еден колега од факултетот со кој студиравме и кој беше во раководството на новата „национална“ партија МААК, за политички совет.
„Ќе победиме, сигурно ќе победиме“, беа неговите зборови на заминување, кажани со наивност на оние што не можат да знаат какво грдо лице може да добие слободата и демократијата. Колешка, професорка од поранешниот Сојуз на комунистите, сега Партија за демократска преобразба, пак, ме покани да им се придружам, а јас, на смеа прашав дали 40 години на власт не им се доста, па бараат уште 4? Совеста ми беше мирна зашто не можав да знам за тоа што сè уште не се беше случило – крвавиот етнички колеж во Југославија, кој ќе го загрози самото постоење на Македонија. Сè уште мислев дека „тренирањето демократија“, како што напишав во еден текст за „Вечер“, ќе биде мирољубиво.
Класот од триесетина американски студенти беше учтив, внимателен и дисциплиниран, ништо налик на оние проблематичните од американските филмови. Пред почетокот на учебната година, една група студенти дојде во мојот кабинет за да се запознае со мене и со предметот што ќе го предавам и ме прашаа што да одберат: политика на Источна Европа или филм на Источна Европа. Со смеење им одговорив дека јас би избрал филм. Тие, задоволни од одговорот и од образложението што следеше, избраа политика. А, сепак, филм или политика, тие го доживуваа предметот како информација за народи што се соочуваат со предизвици на слободата и опасностите од војната. Значи, за нешто што не ги засега директно нивните животи. Така, во менe исчезна чувството на мисија кога им предавав на студентите од Македонија и ме погодуваа вестите во американските весници дека Југославија ја изодува својата последна милја до – граѓанска војна.
Вториот клас, овојпат на постдипломските студии на универзитетот, со кој работев во вечерните часови, беше составен од асистенти, постојано расположени за дискусија. Сите го шетале светот, а дел од нив биле и во Југославија. Кога дојде време да се разделиме, еден од нив ми се обрати со зборовите дека татко му го учел дека ако сретне човечко суштество (human being) што му се допаѓа, тоа да му го каже в лице. Тоа ми го рече и се заблагодари за посветеноста со која ги држев часовите и замина на универзитетот во Сиетл, каде што работеше и каде што го чекаа неговата жена и дете.
Вестите што пристигаа од Југославија беа сè позагрижувачки, како што се ближеше крајот на мојот престој на универзитетот во Боулинг Грин. Љубезниот професор Мајкл Маџиото, шефот на катедрата, кој покажа грижа и гостопримство и во својот дом, беше подеднакво загрижен дали ќе се придружувам на клаузулата од договорот што го потпишав со Фулбрајтовата фондација, која ме обврзуваше да се вратам во Југославија, земјата што исчезнуваше. Стравот беше неоснован зашто, иако дома разговаравме за таква опција во стилот „што би било кога би било“, никогаш не разговарав со некого за да останам во Америка. Претпоставувам, зашто никогаш вистински не го посакав тоа. Кога сега, од оваа временска дистанца, ја анализирам мојата психолошка состојба, знам дека во мене се случуваше нешто многу емотивно и, од денешна гледна точка, сосема ирационално. Имено, пропорционално со порастот на опасноста од граѓанска војна, растеше и желбата во мене што побргу да се вратам дома.
Ја симнав плочката со моето име од вратата на кабинетот во блескавиот ходник, на која, на инсистирање на администрацијата да има средно или татково име, пишуваше „Denko V.Maleski.“ „Си ги повративме вложените пари“, во шега ми дофрли колега професор од катедрата, сведок за обемот на мојот ангажман и посветеноста со која ги исполнував обврските. Потоа, со типично американски поздрав, несвесен за околностите во земјата во која се враќам, додаде „have fun down there“ (забавувај се таму долу). „Таму долу“, во Југославија како што напиша „Њујорк тајмс“ на насловната страница, граѓанската војна веќе почна – експлодираа првите поставени бомби на железничката пруга Белград -Загреб. Доцна таа вечер, додека фамилијата се пакуваше, заѕвони телефонот. На линија беше мојот постдипломец, асистентот од универзитетот во Сиетл, кој мислел на мене и знаеше што се случува во мојата земја за која им зборував на предавањата.
„Дали ми дозволувате да зборувам со универзитетските власти за да останете и предавате на нашиот универзитет?“ Искрено му се заблагодарив за грижата и му посакав многу среќа во животот.
МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ
Кога, на почетокот од 1991 година стасав во Скопје, политичката криза во Југославија ја доживуваше својата кулминација. Она што почна во 1986 година со Меморандумот на српската академија на науките и уметностите и продолжи со политичкиот пуч со кој Слободан Милошевиќ во 1987 година ја презеде контролата во Сојузот на комунистите на Србија, силно ја туркаше Југославија кон националистичката бездна. Преговорите меѓу претседателите на шесте републики за редефинирање на југословенската заедница на народи во зимата 1990-1991 не произведоа решение. „Изумот“ на Слободан Милошевиќ да му даде легитимитет на своето владеење со помош на национализмот и неговите експанзионистички и хегемонистички планови беше заокружен со уставните измени од 1989 година, со кои го озакони нападот врз автономијата на Косово и на Војводина. Меѓутоа, ударите врз економскиот и политичкиот систем на Југославија од страна на српскиот национализам создадоа услови за подем на сите национализми во одбрана на своите народи. На воведувањето вонредна состојба на Косово од страна на Милошевиќ, пратениците на косовскиот парламент прогласија отцепување. На притисокот на Милошевиќ, Словенците, пак, реагираа со укинување на 30 сојузни закони на својата територија. Тие месеци, Србите во Краина прокламираа независност од Хрватска. Почна и пазарот меѓу Милошевиќ и Туѓман за поделбата на Босна и Херцеговина. На 6 јуни 1991 година, претседателите на Македонија и на Босна и Херцеговина, Глигоров и Изетбеговиќ истапија со компромисен план со кој би се помириле сецесионистичките и унитаристичките тенденции во федерацијата. Планот дојде предоцна. Политичкото решение што, само пред една година можеби, за Словенија и Хрватска беше сега сосема неприфатливо. На 15 јуни, двете републики ја објавија својата намера да станат самостојни и суверени држави. Со нападот на ЈНА врз Словенија почнаа војните во Југославија.
Џорџ Кенан, во 1989 година ќе предупреди дека Западот, а особено САД, ќе се соочат со сериозни надворешно-политички проблеми во неколкуте наредни години. Се остваруваа предвидувањата на американската ЦИА, која, според „Њујорк тајмс“ од 28.11. 1990 година, извести дека „југословенскиот експеримент пропадна“ и дека земјата е исправена пред „етничко насилство и немири што можат да прераснат во граѓанска војна.“ Сепак, иако настаните во Југославија покажуваа токму во оваа насока или, можеби поради тоа, западните политичари продолжија да инсистираат на единството и територијалниот интегритет на Југославија. Политички одговорното поведение наложуваше да се сопре хаотичното и крвавото распаѓање на федерацијата и да се даде шанса на мирното решавање на проблемите.
Во Македонија веќе беа завршени првите повеќепартиски избори, замрсен процес што го следев од весниците што редовно ми ѓи праќаше мајка ми Милка. Познати луѓе, академици, професори, дотогашни политичари измешани со тотално анаонимни поединци, ја сочинуваа потенцијалната политичка елита на нова демократска Македонија. А, сепак, државата и по изборите немаше влада. Телефонскиот повик за состанок со мандатарот за состав на експертска влада, професорот од Економскиот факултет, Никола Кљусев, не ме изненади премногу. Уште порано бев слушнал за пофалните зборови на претседателот Глигоров за моите политички ставови презентирани во јавноста, па, иако лично не го познавав овој пријател на мојот татко, знаев дека иницијативата е негова. На средбата во една канцеларија во тогашниот Извршен совет со Никола Кљусев и Блаже Ристовски, ми беше понудено местото потпретседател на владата. Реков дека сè уште не сум одлучил дали воопшто сакам да влезам во политиката, но ако го сторам тоа, тогаш би бил покорисен за државата на местото министер за надворешни работи. Верував дека така сум ја одложил одлуката и дека сум си оставил простор за дополнително размислување, па дилемите ги пренесов и во фамилијата. И додека јас агонизирав дали да влезам во политиката, во јавноста излезе списокот на министрите во новата влада и добив покана за нејзината инаугурација во парламентот на Република Македонија.
(Продолжува)