Нова академска година со стари проблеми: „Кузман“ и „Стив“ сè уште се реновираат, а кириите достигнуваат до 350 евра

by irena 15:26
15:26

Останаа само неколку недели пред почетокот на новата академска година, меѓутоа проблемите со кои се соочуваат студентите остануваат исти. Наместо да се подготвуваат за предавања и испити, многу млади луѓе се принудени да водат трка со времето за да најдат место каде ќе живеат.

Два студентски домови во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, и годинава остануваат под клуч поради нивна реконструкција, иако е најавено дека ќе бидат отворени пред почетокот на вториот семестар, тоа значи дека студентите ќе останат без државно сместување најмалку за целиот прв семестар.

За новата академска година ќе бидат обезбедени вкупно 2.544 легла, што е значително помалку од потребното за да се сместат сите студенти кои доаѓаат од други градови. Намалените капацитети уште еднаш го отвораат прашањето за достапноста на студентското сместување и го зголемуваат притисокот врз младите кои, наместо во студентски дом, се принудени да бараат приватно сместување по високи цени. Во меѓу време кириите пораснаа, особено во општините што се најблиску до универзитетските кампуси – Карпош, Центар, Автокоманда, Кисела Вода и Аеродром, цените се движат од 250 до 350 евра.

Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ велат дека ситуацијата е загрижувачка и бара итно дејствување од институциите. „Поради тоа што два студентски дома се уште се реновираат капацитетот на легла во градот не е целосен. Дополнително сметаме дека треба да се размислува и за отворање на нови домови (јавни, јавно-приватни, приватни) поради тоа што најголем дел од студентите во државата доаѓаат да студираат во Скопје, а висината на кириите од година во година е се повисока.“ велат од УСС УКИМ.

Оттаму додаваат дека условите во домовите и понатаму не се на соодветно ниво, „Условите се уште не се на ниво на кое треба да бидат. Освен во студентскиот дом Гоце Делчев, доколку не ја сметаме мензата, сите други домови во државата чекаат реновирање затоа што условите не се задоволителни. Државата веќе има средства за реконструкција на девет студентски дома, НО реализацијата оди многу бавно.“

Животот во студентски дом, од перспектива на студент

За да добиеме појасна слика за условите во студентските домови, разговаравме со Василија Василева, Студент на Економски факултет и член на Советот на станари при ДСД „Гоце Делчев“ Скопје. Василева го опиша животот во домот како „задоволителен, но далеку од одличен“.

„Во однос на собите, бидејќи живеев во ДСД„Гоце Делчев“, таму капацитетот е за двајца студенти по соба, секоја соба е опремена со два единечни кревети, биро и столче за секој студент, полици над креветите, шкафови и мини кујна или сопствен тоалет – во зависност од кој во четирите блока на домот се престојува. Дел од собите се во добра состојба и инвентарот не е оштетен, додека во останатиот дел од собите се случува обратното(дупки или чкртаници по ѕидот, скршена ногарка на столче, откачена вратичка од шкафче и сл.).“ додаде Василија Василева.

Таа исто така посочува на други технички проблеми, како што се честиот недостиг на топла вода, нефункционалните лифтови и нестабилниот интернет во делови на домот.

„Топлата вода, а и само водата понекогаш се случуваше да бидат предизвик. Бидејќи бојлерите во кои се грее водата се стари често се случуваше да протечат, што доведува до целосно сопирање на топлата вода а понекогаш и целата вода за да се поправат истите. Затоа треба да се одвои буџет за набавка на нови бојлери, за да не се повторува истата „приказна“ секоја година и напразно да се трошат финансии кои во моментот за една поправка можеби изгледаат малку, но не и кога ќе се акумулираат од неколку поправки и санации. Дополнително, често имаше проблеми со лифтовите, од два лифтови во секој блок работеше по само еден лифт, а и тие често се случуваше да се заглавени и да не работат, па студентите кои пристигнуваа со товар имаа дополнителен напор, особено оние на погорните катови (секој блок има 14 ката). Искрено се надевам дека во текот на летниот период се поправени во целост и дека ќе работат и двата лифтови во секој од блоковите. Јас лично не наидов на проблем со интернетот, иако не го користев секојдневно, дел од студентите се жалеа во врска со тоа. Жалбите се појавија бидејќи во некои од блоковите имаше WI-FI мрежа, а дел беа со жичен интернет. Сепак мислам дека треба да се инвестира и во тој дел и секаде да се постави безжичен интернет бидејќи вистински е потреба на студентите.“ додаде Василија. 

Сепак, и покрај сите овие предизвици, таа нагласува дека вложувањата не се доволни, „Дефинитивно не. Колку и да се вложува во моментов, сметам дека не е доволно. Да, точно е дека сме студенти и дека сме млади и издржливи (така сме етикетирани меѓу повозрасните генерации), но тоа не значи дека студентските денови треба да ги поминеме во сегашните подстандардни услови кои ги нудат нашите студентски  домови. Со други зборови државата/институциите никако не би требале да штедат на нас.“ посочува таа.

Сара Танаскоска

Слични вести