На 21-ви јуни во Вевчани ќе се случи свеченото отворање на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања 2025“. Најавена е вечер исполнета со уметност, музика и хуманост, а присутните ќе ги забавуваат Нокаут и Дарко Гелев – Брејк.
Како што информираат од организацијата на колонијата, во текот на вечерта ќе се одржи аукција на уметнички дела од колекцијата на колонијата, а целосниот приход ќе биде дониран за помош на настраданите во пожарот во Кочани.
Исто така, ќе биле поставени и кутии за донации за сите кои сакаат да дадат свој личен придонес.
Ова ќе биде 14-то издание на колонијата во Вевчани, која со тек на годините стана значаен културен настан кој привлекува бројни уметници од земјава и светот.
На истиот, секоја година настапуваат и звучни музички имиња. Во минатото на отворањето имаат гостувано Тереза Кесовија, Лепа Брена, Драган Мијалковски, Петар Грашо, Данијела Мартиновиќ, Калиопи, Жељко Самарџиќ, Владо Јаневски и други.
Годинашните гости пак, Брејк и Нокаут, се актуелни со моќната балада „Оваа песна не знаев да ја напишам“, во изведба на Брејк, за која музиката и аранжманот се на Никола Перевски Пере од Нокаут, текстот е на Игор Џамбазов, Никола Перевски и на Брејк.
Вики Клинчарова