Министерството за транспорт започна постапка за склучување спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија, со која што, како што соопшти денеска, ќе се воспостави правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии со таа држава.
Меѓу двете држави досега не се одржувал воздушен сообраќај и се очекува воспоставувањето редовни авиолинии да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
– Со спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди. Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи, со заемна заложба за унапредување на економската и трговска соработка, зголемување на инвестициите како и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, вели министерот за транспорт, Александар Николоски.