Невработени, студенти и пензионери ќе можат да работат без губење на веќе стекнатите права

by irena 16:52
16:52

Од 1 јануари стапи во сила Законот за работно ангажирање лица, кој треба да воведе ред во сезонското и повременото работење. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека се очекува формализација на 12 000 работници во земјоделството и 5 400 во туризмот и угостителството, сектори каде што сивата економија е најизразена.

Новото решение овозможува пензионери, студенти, невработени и корисници на социјална помош да работат без да ги изгубат своите веќе стекнати права.

„Во првата фаза со законот се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството“, рече Дурмиши.

Работодавачите добиваат поедноставени електронски процедури за пријавување, додека работниците добиваат исплата по час и осигурување во случај на повреда. Според Дурмиши, ова е системски одговор на предизвикот со неформално вработените, кои во 2024 година изнесувале околу 85 000 лица.

Прашан дали ќе има прочистување на списокот во Агенцијата за вработување каде има невработени кои земаат социјална помош, а не прифаќаат вработување, наведе дека со новиот закон што е во сила тие нема да ги губат правата како невработени, но ќе имаат можност да бидат вработени во дејностите земјоделство, рибарство, шумарство, угостителство.

Слични вести