Соединетите Американски Држави немаат подобар сојузник од Израел, а Израел нема подобар сојузник од САД, изјави денес израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по средбата со американскиот државен секретар Марк Рубио.
Нетанјаху оцени дека посетата на Рубио на Израел е јасна порака дека САД стојат покрај Израел, кој е „соочен со терор, антисемитизам и слаби влади кои го демонизираат Израел“, пренесува Ројтерс.
„Ќе продолжиме да дејствуваме заедно со голема сила за да ги заштитиме нашите две земји“, рече Нетанјаху.
Тој ја пофали одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја нападне нуклеарната програма на Иран и додаде дека Израел останува посветен на ослободување на сите заложници и уништување на Хамас.
„Трамп покажа смели и постојани лидерски потези и јасни чекори за да ги направи билатералните односи меѓу двете земји посилни од кога било“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека Израел ја презема целосната одговорност за нападот врз зградата на Хамас во Доха, Катар, наведувајќи дека тоа била целосно независна одлука.
Зборувајќи на прес-конференција заедно со Нетанјаху, Рубио рече дека секој заложник мора да биде ослободен и дека Хамас како вооружена група мора да биде елиминиран. „Претседателот Трамп останува посветен на тие цели. Луѓето од Газа не можат да имаат подобра иднина додека Хамас не биде елиминиран“, рече Рубио.
Тој, исто така, оцени дека Иран претставува закана, не само за Израел, туку и за САД и нивните „сојузници од Заливот“, пренесува Танјуг.
„Нуклеарната програма на Иран претставува неприфатлив ризик за светот“, смета Рубио. Рубио отпатува во Израел за да му го пренесе на Нетанјаху незадоволството на САД поради неодамнешниот израелски напад врз Доха, Катар, под изговор за напад врз седиштето на Хамас.
Средбата меѓу Рубио и Нетанјаху траеше околу час и половина, по што започна проширен состанок со нивните помошници.
Во пресрет на состанокот, Рубио објави дека ќе разговара со Нетанјаху за воените планови на Израел за освојување на Газа, како и за намерата на Израел да анектира делови од окупираниот Западен Брег.