Нетанјаху: Победата над Иран нуди шанса за драматично проширување на мировните договори

by Fokus

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека исходот од војната со Иран отвори можности за мир што Израел не смее да ги пропушти.

– Оваа победа нуди шанса за драматично проширување на мировните договори. Работиме на ова со ентузијазам, рече Нетанјаху.

– Покрај ослободувањето на заложниците и уништувањето на Хамас, постои можност што не смее да се пропушти. Не можеме да изгубиме ниту еден ден, истакна тој.

Според весникот „Израел Хајом“, повикувајќи се на неименуван извор, Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор оваа недела се договориле за брзо запирање на војната во Газа, можеби во рок од две недели.

Весникот наведува дека договорот може да вклучува проширување на „Абрахамските спогодби“ со соседите на Израел, вклучително Саудиска Арабија и Сирија.

Канцеларијата на Нетанјаху одби да ги коментира овие тврдења.

Примирјето меѓу Израел и Иран, објавено од Трамп, разбуди надежи кај Палестинците за крај на војната во Газа, која трае повеќе од 20 месеци.

Во неделата, Нетанјаху изјави дека со ослабувањето на Иран очекува повеќе земји да се приклучат на „Абрахамските спогодби“.

„Ја скршивме оската“, рече тој пред медиумите.

„Ова е огромна промена, а статусот на Израел се зголемува, не само на Блискиот Исток, туку и во светот. Ова е поместување на тектонски плочи“ рече тој.

Нетанјаху изрази надеж за „ново светло на иднината – на безбедност, просперитет, надеж и мир“.

Поврзани новости