Министерот за животна средина Изет Меџити вели дека во ресорот со кој раководи била донесена негативна одлука за барањето за отворање каменолом во регионот на Страчинце.
„Долго време ги следам нивните загрижености и внимателно ги разгледавме сите извештаи и анализи на надлежните институции. Тие јасно покажаа дека активноста со каменоломот ќе донесе сериозни последици, како што се ризикот од поплави и сериозни штети по здравјето и егзистенцијата на жителите. Поради оваа причина, мојата одлука е цврста: каменоломот нема да се отвори“, напиша Меџити.
Оваа одлука, како што изјави тој, е долгоочекувана вест за жителите на Страчинце, кои со години се загрижени за можните последици од каменоломот врз животната средина и нивните животи. Според Меџити, дозволата за работа била издадена пред неколку години од претходните влади.