Насилство без казна: Како неказнивоста ја поттикнува омразата кон новинарите

Онлајн-закани, јавни навреди и физички напади станаа дел од реалноста на македонските новинари. И покрај законските измени и апелите на здруженијата, неказнивоста останува најсилното оружје против слободата на медиумите.

by irena 20:08
20:08

Пишува: Сара Танаскоска 

Насилството врз новинарите не се мери само во физички напади, туку и во дозата на страв што ја предизвикува и во начинот на деградирачка комуникација со која секојдневно се соочуваат. 

Со текот на годините се појавуваат нови форми на агресија од онлајн-вознемирување и сајбер „булинг“, до организирани кампањи за дискредитација. Наместо да се намалуваат ваквите случаи, бројот на новинари што доживуваат некаков вид притисок или закана постојано расте. 

Секојдневно сме сведоци на навредливи и омаловажувачки коментари упатени кон новинарите, особено на социјалните мрежи. Таквите пораки, иако често се потценуваат, претставуваат форма на насилство и вознемирување, што остава сериозни последици врз слободата на изразување и психолошката состојба на новинарите. 

И покрај сите апели на здруженијата и организациите што се занимаваат со заштита на новинарите, конкретни промени сè уште нема.

Во време кога новинарството треба да биде столб на демократијата, сè почесто се претвора во професија со висок ризик. Нападите, заканите и притисоците создаваат атмосфера на страв, во која зборот станува оружје, а вистината опасност. 

Македонија не е исклучок од овој тренд, напротив, сè почесто станува пример за тоа како недостигот од санкции и јавната незаинтересираност ја поттикнуваат културата на неказнивост. 

„Сè поголем број медиумски работници пријавуваат дека биле нападнати од полиција или дека полицајци останале пасивни сведоци на насилство врз новинари. Истовремено, многумина воопшто не ги пријавуваат инцидентите поради недоверба во институциите и бавните, неефикасни постапки за веќе пријавените случаи. Овие податоци јасно покажуваат дека неказнивоста останува системски проблем. Ги повикуваме сите институции да обезбедат побрзи истраги, ефективно гонење и конзистентно санкционирање, како и заштитни механизми, кои гарантираат безбедност на новинарите и пристап до правда,“ велат од ЗНМ. 

НАЈЧЕСТИ СЕ ОНЛАЈН-ЗАКАНИТЕ

Во изминатите неколку години, насилството врз новинарите во Македонија доби нови димензии, и тоа не само физички, туку и психолошки и онлајн. 

Најчестата форма на напади врз новинари се онлајн-закани, навреди и кампањи на дискредитација преку социјалните мрежи, особено кога известуваат за чувствителни теми, избори или истражувања за висока корупација во државава. Сè почесто се забележуваат и вербални закани на терен, како и притисоци од политички и економски центри на моќ, додаде за „Фокус“, Милан Спировски, ЗНМ. 

Еден од најрепрезентативните случаи е оној со новинарот Фуркан Салиу. Во март 2024 година, додека известуваше од Кичево, беше нападнат и му беа одземени микрофоните. Дваесетина дена подоцна, за време на фудбалски натпревар, Салиу беше приведен од полицијата. Овој случај предизвика реакции во новинарската заедница, која оцени дека ваквите инциденти, не само што ја загрозуваат безбедноста на новинарите, туку и ја ограничуваат слободата на изразување. 

Последниот сериозен случај на закани и поттикнување говор на омраза на социјалните мрежи се однесува на колешката Лепа Џундева од ТВ24. Станува збор за нејзино интервју со грчкиот пратеник Сиригос, кое делумно извадено од контекст беше објавено на нејзиниот фејсбук-профил од страна на ТВ водителот Богдан Илиевски. Ова предизвика лавина од говор на омраза и закани, кои можат да доведат и до физичко насилство.

Некои онлајн-медиуми, меѓу кои Офф.нет, ја продолжија кампањата за оцрнување на Џундева, користејќи нејзина фотографија на социјалните мрежи, со што се испровоцираа лични навреди, повици за омаловажување и експлицитни закани по животот од трети лица, кои коментираа на овие објави. Овој случај е пример за тоа како онлајн-просторoт може да се претвори во ризично место за новинарите и колку е важно институциите и платформите да реагираат ефикасно.

Истиот период ја потресе јавноста и пријавата за палењето на автомобилот на новинарот Благој Сершемов од Штип. Случајот укажува дека заканите кон новинарите можат да преминат од вербални напади во директно физичко насилство и материјална штета.  

Покрај овие најгласни случаи, повеќе новинари пријавуваат онлајн-вознемирување, закани преку е-пошта и телефонски повици, а дел од нив велат дека поради страв, ограничуваат дел од својата работа. Според податоците на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), бројот на вакви инциденти расте секоја година, што укажува дека насилството против медиумските работници не е изолиран проблем, туку структурен предизвик за целата професија. 

ЗНМ редовно ги следи и евидентира сите случаи на напади и притисоци врз новинари во соработка со МВР и регионалната мрежа SafeJournalists и јавно ги објавува во Регистарот на напади, кој е достапен на веб-страницата на ЗНМ. Во 2025 година, регистрирани се два посериозни случаи на прекршување на права на новинари и медиумски работници, за кои ЗНМ поднесе барања за постапување до надлежните институции. За едниот случај има и осудителна пресуда за напаѓачите, додека другиот случај e во истрага, вели Спировски.  

ИМА ЧЕКОР НАПРЕД, НО НЕ Е ДОВОЛЕН

Институциите во Македонија имаат клучна улога во обезбедувањето безбедна средина за работа на новинарите. За да се воспостави вистинска заштита и правда, потребно е сите случаи на напади и притисоци врз медиумски работници да се истражуваат итно, транспарентно и професионално.

Според Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), јавните обвинителства и судовите треба да постапуваат со поголема ефикасност и чувствителност кон ваквите дела, со цел да се испрати јасна порака дека нападите врз новинари се казниви и неприфатливи. Истовремено, ваквиот пристап би имал и превентивна улога – би ги обесхрабрил потенцијалните идни напаѓачи и заканувачи.

Институциите треба итно, транспарентно и професионално да ги истражуваат сите случаи на напади и притисоци врз новинарите. Потребно е јавните обвинителства и судовите да постапуваат со поголема ефикасност и чувствителност кон ваквите дела, за да се испрати порака дека таквите дела се санкционираат, а од друга страна да се обесхрабрат и потенцијалните идни заканувачи и напаѓачи кон новинарите и медиумските работници. Тука е важно да се потенцираат и измените во Кривичниот законик, со кои конечно се прифатија барањата за посебна заштита на новинарите и медиумските работници. Со овие измени, нападот врз новинар при извршување службени задачи се третира како напад врз службено лице, што претставува значаен чекор напред во зајакнување на институционалната рамка за заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинарите. Ова е резултат на долгогодишните напори на ЗНМ за создавање систем во кој нападите врз новинари ќе бидат сериозно санкционирани, а сторителите изведени пред лицето на правдата, додава Спировски. 

Особено значаен чекор напред во институционалната рамка е измената на Кривичниот законик, со која конечно се прифатија барањата за посебна заштита на новинарите и медиумските работници. Со овие измени, нападот врз новинар при извршување службени задачи се третира како напад врз службено лице – што претставува важен исчекор во насока на зајакнување на слободата на изразување и безбедноста на медиумските професионалци.

Неказнивоста создава чувство на страв и несигурност кај новинарите и директно влијае врз нивната подготвеност слободно да известуваат. Таа воедно испраќа порака дека нападите врз новинарите се толерираат, што дополнително ја влошува слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и медиусмките работници, заклучи Милан Спировски. 

Иако законските измени и зголемената свесност претставуваат позитивен чекор напред, борбата за безбедност и почит кон новинарите во Македонија допрва треба да се добие. Неказнивоста, институционалната инертност и јавната толеранција кон насилството создаваат средина во која новинарите се чувствуваат небезбедно, а граѓаните остануваат без објективна и слободна информација.

Заштитата на новинарите не е само професионално прашање, туку предуслов за демократија и општество засновано на вистина и одговорност. Сè додека нападите врз медиумските работници не добијат соодветна реакција и санкција, слободата на говор ќе остане под закана, а стравот ќе биде најсилниот цензор. 

Текстот е објавен на 6 ноеври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.570. 

Слични вести