Поранешниот државен правобранител, а сега актуелен адвокат Фехми Стафа, оди во истражниот затвор ,,Скопје”, бидејќи судија на претходна постапка вечерва му одреди мерка притвор од 30 дена.
-Прифатен е предлогот на Обвинителството и определена е мерка притвор од 30 дена поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, информираат од Кривичниот суд.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска објавија детали за предметот за Стафа, кој вчера беше уапсен. Според нивните информации тој побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор.
-Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите, информираат од Обвинителството.
По разрешувањето на Стафа од позицијата државен правобранител, тој работеше како адвокат.
Инаку, осомничениот во случајот „Синџир“ Љупчо Пецов-Ѓаволот е лицето за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор.
В.В.