Министерот за надворешни работи на Грција – Георгиос Герапетритис предупреди дека евентуален напад врз Кипар не би бил само локален инцидент, туку директна закана за безбедноста на цела Европа. Тој нагласи дека такво сценарио би наметнало силна обврска за солидарност и реакција од европските земји.
Во интервју за телевизијата SKAI TV, грчкиот министер зборуваше и за военото присуство на Грција во регионот.
Герапетритис истакна дека секое таргетирање на Кипар би било директна закана не само за островот, туку и за пошироката европска безбедност.
Според него, ваквото сценарио автоматски би ја активирало потребата од силна поддршка и заедничка реакција од европските партнери.
Министерот нагласи дека и американската и грчката страна презеле сите неопходни мерки за заштита на базата и нејзините објекти.
Тој додаде дека сите земји се свесни дека кризата во поширокиот регион на Блискиот исток има директни последици и врз безбедноста на Медитеранот и Европа.