Триесет и едногодишен маж е повреден во напад од ајкула кај брегот на Тасманија соопшти денеска австралиската полиција.
Според полицијата, нуркачот се наоѓал на околу 50 метри од брегот во областа Adventure Bay на островот Бруни кога бил каснат од ајкула, пренесе Ројтерс.
Според полицискиот инспектор Дарен Латам, повредениот маж успеал да доплива до брегот со помош на други нуркачи.
Жртвата се здобила со повреди на подлактицата кои не се опасни по живот и со хеликоптер била пренесена во болница, каде што се наоѓа во стабилна состојба.
Полицијата наведе дека по инцидентот немало нови пријави за присуство на ајкула во таа област.
Нападот кај Тасманија се случува по низа инциденти со ајкули во австралиските води во последните месеци, вклучително и неколку смртоносни напади во сојузните држави Западна Австралија и Квинсленд.
Анализата на Ројтерс, заснована на податоци од австралиската база на податоци за инциденти со ајкули, покажува постепено зголемување на ваквите средби, при што земјата бележи просек од речиси 29 инциденти годишно во текот на изминатата деценија.