Наместо обединување, конгресот може да предизвика раскол во СДСМ – се подготвува „фракција“ што ќе се обиде да го смени раководството

by jadranka 09:54
09:54

На конгресот што се одржа во саботата доминираше силно искажаната мотивација од партиското раководство, вклучително и самиот Венко Филипче тој да стане постојна основа за обединување на целокупниот потенцијал во СДСМ, во битката против власта. Наспроти тоа, во најава е легитимирање во јавноста на една т.н. силна групација од некогашни високи партиски функционери, поранешни и актуелни пратеници, кои ќе се обидат да го оттргнат социјалдемократското членство од раководството. И, како што велат, да го направат Венко Филипче – „генерал без војска“.

Пишувал: Зоран ФИДАНОСКИ 

Хотелот „Александар палас“, минатиот викенд, беше местото и времето означено како појдовна основа за обединување на сите капацитети со кои располагаат во опозицискиот СДСМ во борбата против актуелната власт. Таков впечаток се добива на прва, ако се земат предвид пораките што беа испратени од конгресот преку говорите што јавноста можеше да ги проследи уште додека траеше истиот. Првенствено настапот на лидерот на партијата, Венко Филипче, кој изобилуваше со мотивациски поенти за членството, во кои ги повикува на истрајна борба против власта, но и пораки кон јавноста наменети првенствено за неистомислениците.

Јас избирам борба, искрена, силна и чесна. Затоа, другарки и другари, нема седење, нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен, одиме во секој град, во секое село. Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра, за новиот заем од 6 милијарди евра, ќе кажеме за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката, за предавството на националните интереси и безбедност, за мигрантите. Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, мислеа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно.

Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е. Кој планира да нѐ поткопува однатре, да биде тројански коњ на ВМРО – ДПМНЕ или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства, се само две од поентите од говорот со кои Филипче се обиде пред камерите и новинарските пера присутни во хотелот но, преку нив, и пред јавноста, да претстави еден нов СДСМ. Кој, ако се суди по искажаното од него, влегува во отворена и пресудна битка против власта за да ѝ пресуди со волја на граѓаните на првото следно изборно соочување. Иако, штотуку излезен од тежок изборен пораз – од локалните избори минатата есен. Трет по ред, откако на парламентарните во 2024 година ја предаде власта по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на тие избори (за волја на вистината тогаш социјалдемократите ги предводеше Димитар Ковачевски, а Филипче стана негов наследник). Загуби и на претседателските избори, како и на претходните локални 2021 година, кога на чело на партијата беше Зоран Заев.

 ОТСУСТВО НА ПОВЕЌЕ ОД ТРЕТИНА ДЕЛЕГАТИ

 Но, конгресот има и друга страна од медалот, различна од таа што сака да се покаже од Филипче и најтесното партиско раководство, велат за „Фокус“ соговорници од партијата, присутни на него и во затворениот дел од работата каде што се разгледувал и извештајот за локалните избори.

Прво, велат тие, присуствуваа 472 од запишани 740 делегати, односно 36 отсто не дојдоа на конгресот. И, тоа само по себе зборува наспроти повиците за силна мобилизација искажана од лидерот на говорницата. Второ, според нашите соговорници, спорна е бројката и на 473 присутни делегати бидејќи, велат тие, еден добар дел не се избрани делегати, туку луѓе од општинските организации, дури и семејно поврзани кои се запишани како членови на конгресот, сè со цел да се прикаже присустност. И, на тој начин, поддршка на партискиот врв.

Трето, според изворите на „Фокус“, имало список од 40 говорници, а од нивните говори, се добил впечаток дека тие се договарани претходно, бидејќи по структура може да се каже дека личеле „како јајце на јајце“ – ред поддршка за Венко Филипче, ред директен напад против Петре Шилегов, Јован Деспотовски и други неистомисленици. Ред повик за обединување и ред повик за исклучување од членството на тие што не се согласуваат со раководството на партијата.

Во таква, опишана со еден збор, апологетска атмосфера, според нашите соговорници, единствено поразумни и со критики за функционирањето на партијата и постигнатиот изборен резултат, но и со предлози како да се излезе од длабоката криза во која се наоѓа партијата, биле настапите на дел од пратеничката група. Поконкретно на Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Јован Митревски, Славјанка Петровска и Сања Лукаревска, како и поранешната потпретседателка на партијата, Кристина Костова.  Впрочем и самата Петровска се огласи веднаш по конгресот. Таа, преку статус на социјалните мрежи, предлага политички ветинг за членовите и за партиското раководство, но укажува и на потребата од сериозни внатрепартиски промени, со цел опстојување на СДСМ на политичката сцена.

-Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме како партија, ќе бидеме маргинализирани, а во крајна линија – ќе исчезнеме. Дадов предлог за статутарна измена со која претседателите на општинските организации ќе се избираат непосредно од членството, а не како досега да ги назначува претседателот на партијата. Со ова ја враќаме моќта на одлучување кај членовите. Критичката мисла мора да опстои, наведува Петровска во објава на Фејсбук.

Токму ваквиот настап на дел од пратениците на СДСМ на партискиот конгрес, е она на што неодамна можеби алудираше екс градоначалникот на Скопје и поранешен висок партиски функционер Петре Шилегов во последното телевизиско гостување, кога посочи дека пратеничката група може да се подели и половина од неа да ја напуштат.

Пратеничката група не се дели, таа е целосна, велат за „Фокус“ социјалдемократски пратеници. Но, не одрекуваат дека дел од пратеничката група има „студени“ односи со врвот на партијата и конкретно со лидерот. Како пример, ја наведуваат фамозната резолуција за „црвени линии“ во односите со Бугарија. Иако, имало одлука како пратеничка група таков документ воопшто да не се поднесува како предлог, сепак партијата (читај: Филипче) ја поднела, заобиколувајќи ги пратениците. По што, координаторот на групата, Оливер Спасовски понудил оставка од позицијата, што не била прифатена од неговите партиски колеги во Парламентот.

„ГРУПАЦИЈА“ ЗА ДЕЛЕГИТИМАЦИЈА НА РАКОВОДСТВОТО

 Ваквите ад-хок и, како што ги опишуваат, нелогични чекори од раководството, ја засилуваат поларизацијата и подвоеноста внатре во социјалдемократските редови. Дел од нив – поранешни, но и актуелни функционери, со кои разговаравме, не можат да се помират со фактот дека СДСМ станала трета партија во државата и петта во Скопје, како што Шилегов ја опиша на посоченото телевизиско интервју. И, оттаму се размислува за организирано спротивставување на раководството на СДСМ, нешто за што „Фокус“ веќе пишуваше.

Намерата е до крајот на идниот месец – пред јавноста да се претстави групацијата од некогашни високи партиски функционери – партиски потпретседатели, челници на градската организација во Скопје од каде доаѓа и најголемото незадоволство за водењето на партијата, поранешни и актуелни пратеници. Од порано во јавноста како предводници на оваа групација – се споменуваат имињата на Игор Ивановски  и Андреј Петров. Покрај нив, на иста линија, како што велат соговорниците се и  Никола Ќуркчиев, Есад Рахиќ, споменатите Петре Шилегов и Јован Деспотовски, потоа Александар Бајдевски и Васко Кичевски.

Блиски со ставовите на групацијата се и Софија Куновска и екс градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Засега не е јасна позицијата на актуелните градоначалници на СДСМ од најголемите општини во кои победија на последните избори – Горан Герасимовски во Центар и Сашко Митовски во Крива Паланка. Овој последниов, според непотврдени сознанија на „Фокус“, одбил да влезе во најновиот извршен одбор, затоа што наводно имал сериозна кавга со партискиот врв и лично со Филипче, откако не поминал предлогот што тој го пренел во име на североистичниот регион, некогашниот министер Љупчо Николовски да биде повторно инкорпориран во партиското раководство.

-Јасна е приказната, која се одвива во континуитет. ВМРО-ДПМНЕ го држи СДСМ политички импотентен и тоа свесно се дозволува од раководството на партијата. А, тоа го покажуваат и постигнатите резултати. Само 126 илјади гласови на последните локални избори, кои се поголеми од вистинските, затоа што двапати се бројат гласовите за Скопје и скопските општини, кои реално се на ниво не повеќе од 110 илјади. Ако се продолжи со ова темпо, при првото следно соочување, бројката ќе падне под сто илјади. Наша должност е да го сопреме ова и затоа уште пролетва со засилено темпо на терен ќе се обидеме да го привлечеме членството на наша страна. Идејата е Филипче да го направиме генерал без војска, велат соговорници што се директно вклучени во формирањето на ваквата групација, наречена од некои и фракција.

За нашите соговорници нема дилеми дека постои договор со власта, во која е вклучен и екслидерот и премиер Зоран Заев.

-Заев му помогна на Мицкоски кога Мијалков му ја нападна партијата и сега вториов му се реваншира. На начин што Заев и неговото опкружување во кое е и Филипче, се оставени „на раат“, а Мицкоски треба на мир да истера два мандати на чело на Владата. И, токму затоа, во право се оние што СДСМ сега го нарекуваат, кажано метафорички, струмичка фирма со скопско седиште, децидни се соговорниците на „Фокус“.

Прашани – зошто не се легитимираа на конгресот и таму да побараат промени во партијата, тие велат дека растечкото незадоволство на дел од членството не може вистински да се адресира на конгресот.

-Конгресот како што се одвиваше, можеше да го верификува само она и што го очекувавме, а кое може да се сведе во неколку збора како порака до раководниот тим – да, супер сте, само така продолжете.

ОРГАНИЗИРАН ПРИТИСОК ОДНАТРЕ         

Во овој случај, иницијативата не значи дека станува збор за формирање нова партија, туку за организиран притисок за промени во, како што оценуваат, сериозно урнисаната внатрепартиска состојба. Која ако продолжи со истиот тренд, може СДСМ да го доведе на раб на суштинско постоење како релевантен политички фактор. Според нив, за иднината на партијата мора да се обезбедат четири неопходни предуслови.

Прво, силна организациска поставеност и присутност во целата држава, второ програмска платформа која ќе обединува, а нема да разединува, трето градење коалициски потенцијал и четврто, но во овој момент, можеби и најважно – да се оттргне перцепцијата дека има соработка под маса со ВМРО-ДПМНЕ – во која, за жал, верува и најголемиот дел од членството.

-Наспроти ова, мора да создадеме перцепција дека го добиваме членството на наша страна и тоа е примарно. Ако, во ова се успее пред почетокот на летото и ако изборите се одржат во редовен термин, тогаш реална е можноста СДСМ да се врати на политичкиот пиедестал како една од двете најсилни партии. Дури и да го победи ВМРО-ДПМНЕ. И, затоа следните неколку месеци ќе биде интензивни. Не јасно дали ќе се успее, но тоа на СДСМ му го должиме, објаснуваат нашите соговорници.

Во најава е, значи, дека ќе се случуваат турбуленции со авионот со кој се управува од Бихаќка. Дали тие ќе предизвикаат тврдо приземјување и колкави последици ќе остави во партијата, зависи од нивниот интензитет. Дали ќе предизвикаат преврат и смена на врвот на партијата, која е многу тешко изводлива од формален аспект, бидејќи статутарно претседателот на партијата е практично недопирлив. Или, пак, на крајот сè ќе се претвори во раскол, кој дополнително ќе ги отвори раните, до степен да го принуди Венко Филипче сам да се повлече.

 

Текстот е објавен на 29 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1582

Слични вести