Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во времето на несреќата, што се случи денеска околу 9 часот по локално време, во возот имало околу 195 патници, пишува Би-Би-Си.
Кранот го излетал возот од шините и згмечил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат сите патници, а повредените биле префрлени во регионалните болници.
Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишно лице, а осум од нив се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, кој е најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнување чекори, отстапување од дизајнот или користење на погрешни материјали“, рече Анутин.
Возот патувал од Бангкок до североисточната покраина Убон Рачатани.
Кранот бил користен за изградба на надземна железница што е дел од проект поддржан од Кина, кој има за цел да го поврзе Бангкок со соседниот Лаос и понатаму југозападна Кина.
Еден преживеан, член на персоналот на возот за локалните медиуми изјави дека тој и другите патници биле фрлени во воздух откако кранот паднал врз нив.
Смртоносните несреќи на градилиштата се чести во Тајланд, делумно поради слабото спроведување на безбедносните стандарди и прописи.